Производителот, врз основа на првите резултати од студијата во која учествувале 43 000 луѓе, објави дека вакцината покажала ефикасност од 90 отсто, без сериозни несакани ефекти
Американската компанија „Фајзер“ објави дека вакцината против ковид-19 што ја развива со „Бионтех“ покажала 90-процентна ефикасност.
Ова, како што тврди производителот, го покажале резултати од спроведената голема студија. Од компанијата уште истакнуваат дека нивната анализа покажала многу подобри перформанси отколку што се надевале повеќето експерти.
Тие тврдат дека немало сериозни несакани ефекти.
„Денеска е одличен ден за науката и човештвото. Првиот сет резултати од нашето испитување на вакцината против ковид-19, од третата фаза, дава првични докази за можноста на нашата вакцина да спречи ковид-19“,
изјави Алберт Бурла, претседател и извршен директор на „Фајзер“.
Во испитувањата во третата фаза учествувале повеќе од 43 000 луѓе. „Бионтех“ најави дека заедно со „Фајзер“ најверојатно идната недела ќе побара дозвола од американската Агенција за храна и лекови.
„Оваа критична пресвртница во нашата програма за развој на вакцини ја постигнуваме во време кога на светот тоа му е најпотребно со стапки на зараза кои поставуваат нови рекорди, кога болниците се борат со капацитетите и економии кои се обидуваат повторно да се отворат“,
велат од американската компанија.