Извршниот директор на фармацевтскиот гигант „Астра Зенека“ денеска објави дека вакцината против ковид-19 би можела да биде пуштена во употреба кон крајот на декември годинава. Тој вели дека во моментов вакцината чека одобрение од регулаторните тела.
„Регулаторите во континуитет работат со нашите податоци. Ако бидат побрзи можеме да почнеме со вакцинирање против коронавирусот кон крајот на декември“,
вели Паскал Сорио, пренесува шведскиот медиуми „Dagens Nyheter“.
Британско-шведскиот произведувач на лекови во соработка со британскиот Универзитет Оксфорд ја развива вакцината против коронавирусот и засега се сметаат меѓу оние кои најмногу ветуваат во трката за лекот против ковид-19.
„Можеби никогаш нема да заработиме пари од таа вакцина, никој не знае колку често ќе треба да вакцинираме. Ако вакцината биде ефикасна и ако ги штити луѓето повеќе години, а со тоа се искорени болеста, нема да има пазар“,
вели Сорио.
Вакцината во септември влезе во трета фаза на испитувања, кои привремено беа стопирани поради нуспојави на еден од волонтерите во Британија, но потоа процесот продолжи.
Европската унија, САД, Велика Британија, Јапонија и Бразил ги потпишаа своите први договори со АстраЗенека за набавка на вакцината кога ќе биде одобрена.