Премиерот Зоран Заев утре ќе престојува во Софија, каде ќе учествува на Самитот за Западен Балкан, што се организира во рамки на Берлинскиот процес со кој копретседаваат Северна Македонија и Бугарија, потврдија за МИА од Владата.
На Самитот ќе учествуваат лидерите на земјите од Западниот Балкан, шефови на држави или влади на членките на ЕУ, меѓу кои и бугарскиот премиер Бојко Борисов и германската канцеларка Ангела Меркел, како иницијатор на Берлинскиот процес, високиот претставник за надворешна политика на ЕУ, Жозеп Борел и еврокомесарот за проширување, Оливер Вархеји.
Предвидено е земјите од Западен Балкан на Самитот да усвојат Акциски план за Заеднички регионален пазар.
Како што најавија од владата вчера, на крајот од Самитот е предвидена и прес-конференција на која ќе се обратат премиерите Заев и Борисов и канцеларката Ангела Меркел.
Самитот се одржува во период кога Бугарија го најавува ветото за одржување на првата меѓувладина конференција на Северна Македонија со ЕУ.
Наредната недела (на 17 ноември), пак, ќе се одржи состанокот на Советот за општи работи на ЕУ, на кој треба да се донесе одлуката околу утврдувањето на преговарачката рамка за нашата земја, како и таа за Албанија.