Средбата на шефовите на дипломатиите е претходница на средбата на врвот на процесот утре во Софија
Министрите за надворешни работи Бујар Османи и Екатерина Захариева денеска ќе копретседаваат со состанокот на министрите за надворешни работи од Берлинскиот процес за Западен Балкан, во рамки на копретседавањето на процесот од страна на Северна Македонија и Бугарија.
Средбата на шефовите на дипломатиите е претходница на средбата на врвот на процесот утре во Софија, на која ќе бидат претставени новиот акциски план за воспоставување заеднички регионален пазар и зелената агенда за Западен Балкан кои беа подготвени со Европската комисија и Советот за регионална соработка
Поради ситуацијата со ковид-19, средбата на министрите за надворешни работи ќе биде организирана преку видеоконференциска врска, чиј домаќин ќе биде бугарското МНР.
Ќе се одржи пленарна сесија, на која ќе бидат разгледани можностите и предизвиците пред Берлинскиот процес за Западен Балкан во контекст на мерките за изградба на доверба и за подобрување на регионалната соработка, вклучувајќи подобра поврзаност меѓу луѓето и инфраструктурата.
Фокус на разговорите на министрите ќе биде темата за младите и граѓанското општество во Западен Балкан. Во рамки на предвидени сесии, министрите за надворешни работи ќе имаат можност да ги споделат своите ставови и искуства во однос на предизвиците и можностите на Берлинскиот процес, креираните мерки со цел градење доверба и подобрување на регионалната соработка, вклучително и преку подобра поврзаност и мобилност меѓу луѓето од земјите на Западен Балкан, со посебен фокус на младите и граѓанското општество.
Освен државите од Берлинскиот процес, на средбата во Софија онлајн ќе се вклучат и претставници на Европската комисија, на Советот за регионална соработка и на Регионалната канцеларија за младинска соработка во Тирана (RYCO).
Денешниот состанок ќе заврши со онлајн прес-конференција на двајцата копретседавачи Османи и Захариева.

Во рамки на заедничкото претседателство, ќе се одржи и тинк-тенк форум организиран од страна на Институтот за демократија „Социетас цивилис“ – Скопје во соработка со Европскиот совет за надворешна политика (ECFR) од Софија. Во рамки на тинк-тенк форумот, согласно агендата, предвидено е поздравни обраќања да имаат министрите Османи и Захариева.

Берлинскиот процес е политичко-дипломатска иницијатива, која почна во август 2014 година од страна на германската канцеларка Ангела Меркел.
Учесниците во процесот се земјите од Западен Балкан – Северна Македонија, Албанија, Босна и Херцеговина, Косово, Србија и Црна Гора, а нејзини коспонзори и поддржувачи се неколку земји членки на ЕУ, како Германија, Франција, Австрија, Италија, Велика Британија, Полска, Грција, Хрватска, Словенија и Бугарија.
Во меѓувреме, продолжуваат разговорите со Бугарија и директно и преку владините претставници и тимови, со цел изнаоѓање заедничко решение за отворените билатерални прашања во интерес на двете земји и во интерес на европските интеграции. За ова, премиерите на двете земји, Зоран Заев и Бојко Борисов, вчера во телефонски разговор изразија меѓусебно уверување.
Поврзана вест:
