Кај земјите членки на ЕУ и кај Бугарија постои чувство на одговорност и потреба за изнаоѓање решение, вели шефот на дипломатијата во видеопорака
Шефот на дипломатијата Бујар Османи повика на смиреност и одговорност во однос на очекуваниот почеток на преговорите со ЕУ и условувањата од Бугарија за преговарачката рамка.
„Да бидеме смирени и одговорни. Премногу вложивме, премногу постигнавме и, што е најважно, премногу сме блиску за да си дозволиме да ја пропуштиме оваа шанса“,
нагласи Османи во куса видеопорака.
Свесен сум, вели тој, дека влегуваме во многу чувствителна фаза во која секој од нас ги брои деновите и очекуваме пристојна разрешница на нашите европски интеграции.
„Верувајте, овие измешани чувства кај мене се уште позасилени. Три години ги водев европските интерграции и секое утро се будев со една единствена мисла – да ги почнеме преговорите. Тоа е нормално и човечки, но не смее да не доведе до пораз. Имаме премногу вложено, премногу постигнато. Едноставно сме премногу блиску за да си дозволиме да ја пропуштиме оваа шанса. Ние немаме добиено доверба за да се нервираме или да ја проектираме таа нервоза, туку за да бараме решение. Имаме многу пријатели, што сакаат да ни помогнат. Многу земји чиј интерес се совпаѓа со нашиот“,
порача Османи.
Апелирам, вели тој, на смиреност, бидејќи политичките набои често не соодветствуваат со реалноста.
„Кај земјите членки на ЕУ и кај нашите соседи во Бугарија постои чувство на одговорност и потреба за изнаоѓање решение. Затоа не смееме да ја прооуштиме оваа шанса, премногу е важно за сите нас“,
изајви Османи.
