Тимчо Муцунски од ВМРО-ДПМНЕ претседава со Комисијата за финансирање и буџет, која ќе расправа за „Утврдување на причините и извршувањето на законите во постапката за доведување до стечај на Еуростандард банка АД Скопје“
Надзорна расправа за стечајот на Еуростандард банка е закажана за петок во собраниската Комисија за финансирање и буџет.
Тоа е првата тема за која во овој парламентарен состав се отвора надзорна расправа во матична комисија, овој пат со цел ,,Утврдување на причините и извршувањето на законите во постапката за доведување до стечај на Еуростандард банка АД Скопје’’.
Со Комисијата за финансирање и буџет претседава секретарот за меѓународна политика на ВМРО-ДПМНЕ Тимчо Муцунски.
Според Законот за Собрание, иницијатива за одржување надзорна расправа може да покрене еден член од матичното работно тело. За одржување надзорна расправа работното тело одлучува со мнозинство гласови од присутниот број членови, а најмалку со една третина од вкупниот број членови. Доколку 15 пратеници во писмена форма побараат одржување надзорна расправа, преку претседателот на Собранието, до претседателот на работното тело, тогаш претседателот на комисијата е должен веднаш да свика нејзино одржување.
На расправата се повикуваат овластени претставници на Владата или на органите на државната управа и пратениците може да побараат од нив информации и појаснувања што се предмет на надзорната расправа. На расправата можат да бидат поканети и други лица кои можат да дадат информации. Поканетите овластени претставници имаат обврска да присуствуваат на комисиската седница.
Се очекува на надзорната расправа да биде поканета гувернерката на Народната банка Анита Ангеловска Бежовска, која е избрана во Собранието. Нина Ангеловска, пак, која беше министерка за финансии во периодот кога беше прогласен стечајот на Еуростандард банка, веќе не е на таа функција.
