Поради тоа што една пратеничка од СДСМ е позитивна на ковид-19, парламентарното мнозинство повторно е на работ на потребните 61 глас за обезбедување кворум, колку што се потребни и за избор на судија
По тридневна „жешка“ расправа, Собранието денеска не успеа да ја избере судијката Добрила Кацарска за член на Уставниот суд. Расправата заврши попладнево, ама во парламентот повторно снема кворум за гласање.
Поради тоа што една пратеничка од СДСМ е позитивна на ковид-19, парламентарното мнозинство повторно е на работ на потребните 61 глас за обезбедување кворум. Толку гласови се потребни и за избор на уставен судија, додека за кандидат од немнозинските етнички заедници е потребно и Бадентерово мнозинство.
Поради тоа, гласањето за Кацарска е одложено откако заврши претресот по овој предлог на Судскиот совет.
Претседателот на Собранието Талат Џафери потсети дека уставниот судија се избира со мнозинство гласови од вкупниот број пратеници и информира дека, бидејќи нема услови за одлучување по однос на оваа точка, ќе се гласа во моментот кога ќе се создадат услови за гласање.
Во салата немаше доволен број пратеници ниту за гласање за другите точки на дневниот ред, така што Џафери ја прекина седницата и побара во 15 часот да има кворум за нејзино продолжување.
Инаку, и во текот на денешната расправа, опозицијата настапуваше со оценка дека Кацарска не е соодветен предлог за уставен судија и затоа побара предлогот да биде повлечен, додека пратениците од владејачкото мнозинство потсетуваа дека во време на владеењето на ВМРО-ДПМНЕ судството било донесено до најниско можно ниво.
Пратеникот Владо Мисајловски, кој е потпретседател на ВМРО-ДПМНЕ, рече дека предлогот Кацарска да биде уставен судија е награда затоа што таа помогнала да се промени уставното име на Македонија.
Пратеничката на ВМРО-ДПМНЕ, Рашела Мизрахи, рече дека има сведочење од обвинител оти Кацарска влијаела на судски постапки, што е спротивно на законот и што е основа за разрешување, а не за наградување.