Со овие две држави, Бајден сега води во четири од државите кои ќе го одлучат победникот
Кандидатот на демократите за претседател на САД, Џозеф Бајден, го презеде водството и во сојузната држава Пенсилванија, каде што до пред неколку часа во предност беше актуелниот претседател Доналд Трамп со околу 18 000 гласа, а остануваат да се избројат уште околу 100 000 гласа.

Во Пенсилванија очекуваат денеска да пребројат најголем број од гласовите. Според секретарот на оваа држава, Кети Буквар, мора да бидат обработени уште неколку стотици илјади гласови, како и дека не е запозната дека има повреда при гласањето.
Претходно денеска Бајден поведе и во Џорџија, при што предноста која беше нешто повеќе од 460 гласа, сега е над 1 000. Оваа одлучувачка држава, покрај Аризона и Невада, е една од опциите како тој да стигне до 270 електорски (изборни) гласа во Изборниот колеџ пред неговиот противкандидат, актуелниот претседател Доналд Трамп.
Овие четири држави, заедно Северна Каролина, се местата кои ќе одлучуваат кој во следните 4 години ќе ги води САД.
Во текот на ноќта, американската поштенска служба, во согласност со локалните судски налози, изврши претрес во своите магацини во тие сојузни држави за да ги издвои сите гласови испратени по пошта до денот на изборите и да ги проследи до изборните комисии.
Кандидатот за претседател Џо Бајден, според проценките на американските медиуми, води во бројот на изборни (електорски) гласови пред актуелниот претседател Трамп и има меѓу 253 и 264 гласачи во зависност од проценката на индивидуалните медиуми за тоа дали тој ја „освоил“ Аризона или не.

Трамп има 213 изборни (електорски) гласа и во таа проценка американските медиуми се единствени. За да се победи на изборите во Америка, потребно е да се освојат 270 електорски гласа.
Вчеравечер Трамп се обрати од говорницата во Белата куќа, при што упати обвинувања за изборни нерегуларности чија цел е да му се украде изборната победа
Во анализите подоцна, експертите, политичарите и медиумите оценија дека тој не понудил никаков доказ за обвинувањата, а говорот го оценија како скандалозен и досега невиден во американската историја.