Вчеравечер Трамп се обрати од говорницата во Белата куќа, при што упати обвинувања за изборни нерегуларности чија цел е да му се украде изборната победа
Во анализите подоцна, експертите, политичарите и медиумите оценија дека тој не понудил никаков доказ за обвинувањата, а говорот го оценија како скандалозен и досега невиден во американската историја
Разликата меѓу кандидатите за претседател на САД во клучните држави денеска се намали уште повеќе и Доналд Трамп и Џо Бајден се доближија еден до друг на помалку од еден процент во Пенсилванија, Џорџија, Северна Каролина, Невада и Аризона.
Податоците што ги објавуваат американските медиуми покажуваат дека предноста на Доналд Трамп во Џорџија сега се сведе на само 463 гласа, при што остануваат уште 14 097 гласа за пребројување.
Според тамошните власти, нема да има броење на гласовите во текот на ноќта.
Во Пенсилванија очекуваат до денеска да пребројат најголем број од гласовите. Според секретарот на оваа држава, Кети Буквар, мора да бидат обработени уште неколку стотици илјади гласови, како и дека не е запозната дека има повреда при гласањето.
Досега се преброени околу 89 проценти од гласовите, а во таа сојузна држава и врз основа на тој број, води Доналд Трамп со 50 проценти од гласовите, додека Бајден има 48,8 проценти. Од оваа држава кандидатот добива 20 изборни гласа.
Во текот на ноќта, американската поштенска служба, во согласност со локалните судски налози, изврши претрес во своите магацини во тие сојузни држави за да ги издвои сите гласови испратени по пошта до денот на изборите и да ги проследи до изборните комисии.
Кандидатот за претседател Џо Бајден, според проценките на американските медиуми, води во бројот на изборни (електорски) гласови пред актуелниот претседател Трамп и има меѓу 253 и 264 гласачи во зависност од проценката на индивидуалните медиуми за тоа дали тој ја „освоил“ Аризона или не.
Трамп има 213 изборни (електорски) гласа и во таа проценка американските медиуми се единствени. За да се победи на изборите во Америка, потребно е да се освојат 270 електорски гласа.
Трамп: Некои набљудувачи на изборите морале да користат двогледи
Претседателот Трамп вчеравечер од говорницата во Белата куќа ги повтори обвинувањата дека на изборите се случуваат големи неправилности и кражба на гласови, чија цел е да му биде одземена претседателската функција.
„Кога гласовите се бројат законски, лесно ги освојувам. Ако ги бројат незаконските гласови, тие можат да се обидат да ги украдат изборите“,
рече Трамп, но притоа не даде никакви докази за овие тврдења.
Тој во получасовното обраќање изнесе низа обвинувања, кои се однесуваа посебно на Детроит во државата Мичиген и Филаделфија, Пенсилванија, каде што рече дека набљудувачите биле оддалечени од местата на гласање и броењето, при што изнесе тврдење дека некои од нив дури морале да користат двогледи, што предизвика реакции во прес-салата.
Трамп најави дека ќе продолжи да се залага за запирање на броењето на гласовите што дошле подоцна од затворањето на гласачките места во оние места каде што тој има шанси за победа.
„Јас освоив голем, најголем број гласови во историјата, Латиноамериканци, Афроамериканци и американски староседелци. Ова се лажни избори, морам да кажам. Победивме во многу држави, а потоа, за чудо, работите започнаа да се вртат во корист на Бајден. Но, предвидов дека гласањето по пошта ќе биде измама“,
рече Трамп.
Тој посебно го посочи гласањето по пошта како начин на кој наводно му се краделе гласовите – нема поштенски марки или печати на поштенските коверти.
„Пресметале точно колку гласови им требаат, а потоа ги испратиле по пошта“,
рече Трамп и додаде:
„Неверојатно е како сите гласачки ливчиња испратени по пошта придонесоа само за едната страна. Да не зборуваме за прекинување на пребројувањето на гласовите. Гласањето по пошта се претвори во катастрофа, но, како што реков, не е изненадување. Не смееме да дозволиме ова да ѝ се случи на нашата држава. Да не споменувам дека тие блокираа избирачки места, тие не ни дозволија да присуствуваме на многу места… Сакаме транспарентност, правда, не тајни состаноци и криење. Нашата земја ќе победи, ќе победиме на изборите. Очекувам долг процес на патот кон правдата, но сме трпеливи.“
По говорот, Трамп ја напушти говорницата и не дозволи новинарски прашања, што предизвика негодување од новинарите.
Но, во текот на говорот, неколку американски ТВ-мрежи синоќа го прекинаа преносот во живо со образложение дека тој шири дезинформации.
„Колку тажна вечер за САД да го слушнат својот претседател да го кажува тоа, за лажно да ги обвинува луѓето дека се обидуваат да ги украдат изборите“,
коментираа од Си-ен-ен.
Некои медиуми подоцна направија анализа на неговиот говор.
„Претседателот на САД не даде докази за систематско кршење на гласањето или броењето. Всушност, пописот во земјата помина без проблеми, дури и за време на пандемијата на коронавирусот. Една од главните поплаки на шефот на државата дека пребројувањето продолжува и по денот на изборите е неосновано. Нема претседателски избори во историјата на САД на кои пребројувањето завршило на денот на изборите и нема таков закон или очекувања. Зголеменото гласање по пошта и големиот одѕив на гласачите го забавуваат процесот како и обично, но не во сите случаи“,
коментираа АП и Гардијан.