Напаѓачот кого го уби полицијата е 20-годишен виенчанец со албанско потекло, а неговите родители биле од С Македонија, тврди автстрискиот новинар Флориан Кленк на Твитер.
Напаѓачот ѝ бил познат на австриската тајна служба како еден од 90 австриски исламисти чија намера била да отпатуваат во Сирија, напиша Кленк на Твитер.
„Родителите на осомничениот потекнувале од Северна Македонија и кај нив не била забележана поврзаност со исламизам. Полицијата немала сознанија дека осомничениот планира терористички напад“,
додава новинарот.
Австрискиот министер за внатрешни работи, Карл Нехамер, ги потврди овие наводи. Тој рече дека напаѓачот, кој беше убиен од полицијата, имал 20 години, имал македонско потекло и бил осуден за терористичко здружување.
Тој за агенцијата АПА изјави дека терористот имал австриско и македонско државјанство.
„Бил опремен со лажен појас за бомби, автоматска пушка, пиштол и мачета, оружје со кое го изврши грозоморниот напад врз невини граѓани“,
нагласи Нехамер.
Тој рече дека биле извршени претреси во околината на напаѓачот, поточно бил извршен претрес во 15 станови и оти се уапсени неколку лица.
Министерот го кажа и името на убиениот терорист – Кујтим Фејулаи, кој на 25 април минатата година бил осуден на 22 месеци затвор поради обид да отпатува во Сирија за да се приклучи на Исламската држава.
Фејулаи бил ослободен од затвор, условно на 5 декември минатата година, бидејќи, врз основа на неговата возраст, бил опфатен со поблаго законодавство предвидено за помлади престапници.