Бројот на повредени во терористичкиот напад во Виена се искачи на 17. Во текот на ноќта беше објавено дека 15 лица се пренесени во виенски болници со прострелни рани и дека седум се тешко повредени.
Портпаролот на Здружението на виенски болници, Кристоф Миро, за агенцијата АПА изјави утрово дека виенските болници примиле 17 повредени лица, од кои најмалку шест се со сериозни повреди. Меѓу тешко повредените е и еден полицаец, кој сè уште е во критична состојба.
Иако австриските медиуми јавуваа за седум мртви, надлежните потврдија дека во нападот во центарот на Виена биле убиени три лица, а полицијата застрелала и еден напаѓач.
По нападот австриската полиција тргна во широка акција ии влегуваше и во домови. Министерството за внатрешни работи утрово потврди дека биле извршени претреси во неколку станови кои се поврзани со убиениот напаѓач. Според австриските медиуми, уапсени се неколку лица.
Напаѓачот симпатизер на ИД
Рано утрово на прес-конференција излезе министерот за внатрешни работи Карл Нехамер, кој рече дека полицијата пронашла јасни докази оти напаѓачот кој беше застрелан непосредно по почетокот на нападот „е радикализирана личност и симпатизер на Исламска држава“.
Министерот рече дека полицијата била во можност брзо да го идентификува мртвиот напаѓач и открила докази при претрес на неговиот стан и видеа испратени од сведоци.
Официјални лица одбија да го откријат идентитетот на осомничениот бидејќи сè уште траат истраги, а полицијата не ја исклучи можноста други напаѓачи да се сè уште во бегство. Исто така, полицијата ги повика луѓето да на излегуваат од дома.
Армијата ќе ги заштитува објектите
Австрискиот канцелар Себастијан Курц, пак, доцна синоќа соопшти дека армијата ќе ја преземе заштитата на објектите и локациите во Виена.
„За да може полицијата целосно да се концентрира на борбата против тероризмот, Владата донесе одлука армијата да ја преземе заштитата на објектите во Виена“,
изјави Курц.
Тој го осуди масакрот како „гнасен терористички напад“ и истакна дека полицијата одлучно ќе дејствува против извршителите на овој грозоморен терористички акт.