Напаѓачот со нож во базиликата Нотр Дам во Ница е 21-годишен Тунижанец по име Брахим Ауисауи, јави дописникот на МИА.
Тој не е барател на азил во Франција, а во Европа пристигнал преку италијанскиот остров Лампедуза на крајот на септември одосно пред околу еден месец.
Сепак, според француските медиуми судски извори засега не можат официјално да го потврдат неговиот идентитет. Истражителите во моментот имале само документ на италијанскиот Црвен крст што одговара на идентитетот на Брахим Ауисауи.
Како што е познато, момчето беше приведено набргу по нападот.
Францускиот министер за надворешни работи Жан-Ив Ле Дријан испрати порака за мир кон муслиманскиот свет, нагласувајќи дека Франција е „земја на толеранција“, а не на „презир или одбивање“.
„Не ги слушајте гласовите на оние што сакаат да предизвикаат недоверба. Да не бидеме заробени во ексцесите на малцинството на манипулатори“,
изјави тој за време на разгледувањето на буџетот на неговото министерство во Националното собрание.
Макрон претходно го осуди нападот во кој загинаа три лица, нарекувајќи го „исламистички терористички напад“. Обраќајќи се од местото на трагедијата, тој рече дека Франција е нападната преку нејзините вредности, преку чувството на слобода, нагласувајќи дека на француско тло се негува слободата на верување.