Шест години затвор за Тони Јакимовски како ексначалник во УБК, кој беше и шеф на кабинет на ексдиректорот на УБК Сашо Мијалков.
Четири години за Стево Маџовски, кој бил вработен во УБК, а ослободителна пресуда за уште една вработена во оваа Управа, Кристина Јосифовска.
Ваква пресуда предмалку изрече судечкиот совет на чело со судијата Владимир Туфекџиќ во предметот кој се однесува на проневера на пари од спец касата во УБК. Пресудата е првостепена и странките имаат право на жалба до Апелацискиот суд во Скопје.
Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција го поднесе обвинението во август минатата година. Тоа беше против четворица вработени во УБК, но првообвинетиот, Петре Пешовски, на првото судско рочиште во октомври 2019 призна вина и доби три години затвор.
Јакимовски, Маџовски и Пешовски, обвинителството ги обвини за злоупотреба на службената положба и овластувања, а Јосифовска, која доби ослободителна пресуда, ја гонеше за помагање во истото дело.
Обвинителството тврдеше дека тие во период од десет години (од 25 јануари 2007 до 30 мај 2017) во 172 наврати постапиле спротивно на Упатството за користење на средствата за посебна намена во УБК, без да имаат одобрение од директорот подигале пари за кои поднесувале барања и признаници за износите, а докуметацијата за исплатените пари потоа биле уништенувани. Според процените биле злоупотребени околу 820 000 евра.
Обвинителката Ивана Трајчева, најави оти извесно е дека ќе поднесе жалба за ослободителната пресуда, додека за двете затворски казни рече дека се задоволителни, но ќе почека да стигне писмената пресуда од судот за да види кои околности биле ценети, а кои не, па да донесе одлука дали ќе поднесе жалба до Апелација.