По завршувањето ма амандманската расправа за ребалансот на буџетот, дефицитот е позициониран во износ од 56,5 милијарди денари, односно 8,49 проценти од БДП
Владата на денешната седница ги усвои дополнувањата на ребалансот на буџетот за 2020 година, со амандманите кои беа прифатени во комисиската расправа во Собранието. Дополнетиот ребаланс ќе биде вратен во парламентот, каде што утре треба да почне седницата за негово усвојување, како што најави спикерот Талат Џафери.
- Вкупните приходи со измените и дополнувањата на буџетот за 2020 година се планирани на ниво од 196,3 милијарди денари и истите се планирани на речиси идентично ниво во однос на планот, имајќи предвид дека со претходните измени и дополнувања на буџетот истите беа планирани на реално ниво односно пониски за 11,5% во однос на иницијалните проекции на буџетот;
- Вкупните расходи се планирани на ниво од 252,8 милијарди денари или се 4,1%, односно за околу 10 милијарди денари повисоки во однос на планот;
- Врз основа на вака планираните приходи и расходи, дефицитот е позициониран во износ од 56,5 милијарди денари, односно 8,49% од БДП. Имајќи ги предвид настанатите околности извршени се промени во однос на иницијалните проекции на расходната страна на Буџетот на Република Северна Македонија, пред сè за спроведување на активностите предвидени со четвртиот сет на мерки.
- Во овие рамки обезбедени се дополнителни средства во здравствениот сектор за активности кои директно придонесуваат во борбата против здравствената криза, а се однесуваат за набавка на лекови, имунизација на население и други неопходни средства и поддршка на вработените кои се директно вклучени во борбата против пандемијата;
- Тековните трансфери се планирани на ниво од 177,3 милијарди денари или за околу 11,2 милијарди денари повисоки во однос на планот за 2020 година, а се однесуваат пред сѐ на преземените мерки за обезбедување на средства за имплементација на четвртиот пакет економски мерки за справување со кризата предизвикана од пандемијата на коронавирусот ;
На денешната седница, Владата го утврди и текстот на предлог- законот за финансиска поддршка на физички лица кои вршат самостојна дејност погодени од здравствено- економската криза, за месеците октомври, ноември и декември 2020 година.
Целта на овој предлог-закон е да се обезбеди финансиска поддршка за вршителите на самостојна дејност во последниот квартал од 2020 година, со месечен износ во висина од 17.410 денари месечно за физичкото лице кое врши самостојна дејност.
Пленарната расправата за буџетот во парламентот може да трае до пет дена. Според тоа, ако утре почне расправата за ребалансот таа би требало да заврши до крајот на овој месец. Набрзо потоа, во собраниска процедура треба да влезе и буџетот за 2021 година.
За другите одлуки од денешната владина седница можете да прочитате ТУКА.