За кандидатка за претседателка ја предложи косовскиот премиер Албин Курти, додека претседателот на Демократската партија на Косово (ДПК), Бедри Хамза, претходно изјави дека ја поддржува кандидатурата
Собранието на Косово синоќа ја избра Јустина Широка-Пуља за претседателка на Косово, во гласање што заврши 13 минути пред истекот на уставниот рок за избор на нов шеф на државата, со што се избегнуваат нови предвремени избори.

Широка-Пуља е избрана уште во првиот круг со 81 глас „за“, што е минималниот број гласови потребен за избор во оваа фаза.
Нејзината противкандидатка, универзитетската професорка Елјиза Хоџа, доби еден глас, додека два гласа беа прогласени за неважечки.
„Овој мандат не припаѓа само на една личност. Тој им припаѓа на сите граѓани. Јас ќе бидам претседателка на сите граѓани. Косово мора да напредува како демократска, безбедна држава со јасна евроатлантска ориентација и силно пријателство со нашите сојузници. Верувам во Косово и во неговиот народ. Верувам дека заедно можеме да изградиме подобра иднина за генерациите што доаѓаат“,
рече таа по полагањето на заклетвата.
За кандидатка за претседателка ја предложи косовскиот премиер Албин Курти, додека претседателот на Демократската партија на Косово (ДПК), Бедри Хамза, претходно изјави дека ја поддржува кандидатурата.
Пред изборот на претседателката, косовските пратеници со 88 гласа „за“ го усвоија и Законот за изменување и дополнување на Законот за специјализираните совети и специјализираното обвинителство.
Широка-Пуља е економистка и академик, а во декември 2025 година е избрана за претседателка на Академијата на науките и уметностите на Косово (АСХАК), станувајќи првата жена на чело на оваа институција, основана во 1975 година.
Родена е во 1953 година во Приштина, каде што го завршила основното и средното образование. Во 1976 година дипломирала на Економскиот факултет на Универзитетот во Приштина. Постдипломските студии од областа на теоријата и политиката на економскиот развој ги завршила во 1984 година во Загреб, а докторирала на Универзитетот во Приштина.
Професионалната кариера ја започнала во Народната банка на Косово, а во 1978 година почнала да работи како предавачка на Економскиот факултет при Универзитетот во Приштина. Според нејзината биографија објавена на веб-страницата на АСХАК, завршила и постдокторски студии на Универзитетот во Линц, Австрија, и на Универзитетот во Аризона, САД.
Од 2008 до 2011 година била министерка за енергетика и рударство, како кадар на Демократската партија на Косово. Од 2011 до 2014 година била пратеничка од редовите на истата партија во Собранието на Косово.
Била активна и во граѓанскиот сектор, каде што работела на прашања поврзани со зајакнувањето на жените, родовата еднаквост, развојот на бизнисот и претприемништвото.
