Италијански региони воведуваат нови рестриктивни мерки поради растот на заболени и хоспитализирани од ковид-19.
Во последните 24 часа во Италија има скоро 11 000 новозаразени, 800 нови пациенти биле примени во болници, а бројот на смртни случаи изнесува 87.
Најпогодените региони, Ломбардија и Лигурија, веќе воведоа построги ограничувања од оние што ги донесе владата. По нив, уште две покраини воведуваат еден вид полициски час.
Засега се ограничува работата на трговските центри, а за време на викендите се воведува ноќен полициски час, односно забрана за движење.
„Работиме деноноќно за да избегнеме карантин. Националниот здравствен систем е зајакнат, оправдано е да се воведат построги рестриктивни мерки во регионите каде што коронавирусот се шири побрзо. Ги замолуваме сите граѓани да се движат само кога е неопходно“,
изјави министерот за здравство Роберто Сперанца.
Како мерка за заштита се менува и наставата во средните училишта, и засега се преминува на комбинација – половина онлајн, од дома, а другата половина на часови со физичко присуство.