Отстранет е дефектот кој ги остави жителите на Скопје без вода. Како што информираат од ЈП Водовод и канализација – Скопје, до полноќ водоснабдувањето ќе биде нормализирано.
Дефектот се случи на булеварот „Кочо Рацин“, спроти Олимписки базен.
Директорот на ЈП Водовод и канализација – Скопје, Душко Весковски, вели дека ваквите дефекти се многу ретки, а кога ќе се случат, неминовно е еден поголем дел од граѓаните да имаат прекинато водоснабдување.
„Во овој случај за отстранување на дефектот беше потребно да се затвори цевка со дијаметар ф1400мм, а со тоа и повеќе населби останаа без вода. Екипите работеа непрекинато со целиот капацитет и сите расположливи ресурси и за многу краток временски период го отстранија дефектот. Имајќи го предвид фактот дека станува збор за голема цевка која е под силен притисок, водата ќе се пушта постепено и до полноќ се очекува водоснабдувањето да биде нормализирано во сите делови и кај сите корисници“,
вели директорот Весковски.
