Комисијата за заразни болести можно е утре да ги предложи до Владата новите рестриктивни мерки кои во петокот ги најави министерот Венко Филипче.
Новиот пакет мерки би содржел ограничување на капацитетот на луѓе во јавниот превоз, целосна забрана за организирање настани и скратување на работното време на економските субјекти, како што се баровите и рестораните, до 23 часот.
Овие мерки пред два дена ги најави Филипче и рече можно е да се предложат утре (понеделник) доколу викендов продолжи трендот на зголемување на бројот на заразени.
„Овој пакет мерки, заедно со претходниот што треба да помине на Собрание следната недела, мислам дека сериозно ќе ја забави трансмисијата на вирусот“,
рече министерот за здравство Венко Филипче на прес-конференцијата.
Претходниот пакет мерки, сè уште не е на сила бидејќи се потребни измени во Законот за заштита на населението од заразни болести. Тој закон е веќе во собраниска процедура и власта очекува дека преку амандмани измените ќе се донесат во наредните неколку денови.
И овој пакет се состои од три рестрикции: задолжително носење маска на отворено; забрана за групирање во домови односно максималниот број на гости кои ќе може да ги прими едно домаќинство да биде четири и забрани за групирање на повеќе од четири лица на јавен простор по 22 часот.