Ситуацијата со коронавирусот денеска одложи две судски рочишта поради тоа што обвинети се или во изолација или имаат позитивен тест за ковид-19.
Поранешниот претседател на Собранието Трајко Вељаноски и ексминистерот Спиро Ристовски имаат решенија за изолација, и тоа беше причината денеска да се одложи судското рочиште за предметот познат во јавноста како „Организаторите на 27 април“. Решенијата ги добиле откако нивни блиски се позитивни на ковид-19. Тие се меѓу четворицата обвинети, заедно со поранешниот министер Миле Јанакиески и бившиот директор на УБК, Владимир Атанасовски.
Нивниот адвокат Еленко Миланов преку медиумите јавно побара, а најави дека ќе подготви и писмено барање, Комисијата за заразни болести да изработи протоколи за одржување на судски рочишта, со оглед дека секојдневно се наоѓаат во судниците по повеќе часови, каде што често има голем број луѓе и тешко се одржува растојание.
Денеска на ова рочиште требаше да се сослушаат група пратеници кои се предложени за сведоци од Вељаноски, но поради отсуство на двајцата обвинетите немаше услови да се одржи судењето.
Денеска се одложи и рочиштето за „Таргет-Тврдина“ поради позитивниот резултат на обвинетиот ексдиректор на УБК, Сашо Мијалков. Тој има решение за изолација во траење од 20 дена, која може да трае и 10 дена ако тој нема симптоми. Продолжетокот на судскиот процес е презакажан за во ноември.
Во судницата за овој предмет денеска дојдоа 30-ина новинари и други лица да сведочат како дел од оштетените од масовното прислушување во земјава. Тие ќе треба да се појават повторно на едно од наредните рочишта, кога ќе има услови за одржување, односно ќе бидат присутни сите странки во постапката.
„Таргет-Тврдина“ се одложи и во средата кога Мијалков беше во изолација и требаше да се тестира по позитивниот резултат на неговата сопруга Александра Мијалкова.
Пред два дена се одложи и случајот ТНТ бидејќи еден од адвокатите на странките, исто така, се наоѓаше во изолација.