За попладне е најавена прес-конференција на двајцата копретседавачи на Комисијата, Драги Ѓоргиев од македонска страна и Ангел Димитров од бугарска страна
Веќе е започната дискусија во однос на усогласување на препораки за нашите учебници по историја за 7 одделение
Во Клубот на пратеници денеска продолжуваат експертските разговори на македонско-бугарската мултидисциплинарна комисија за историски и образовни прашања.
Десеттата средба која започна вчера се случува по пауза од речиси една година, поради изборите кои се одржаа кај нас и потоа поради пандемијата со ковид-19.
Вчерашните и денешните разговори се за прашања и теми кои треба да придонесат за надминување на историографските спорови, но и прашања кои во изминатиов период претставуваа пречка во работата на ова тело. Комисијата заседава зад затворени врати, а за она што е постигнато, како што е најавено, ќе информираат двајцата копретседавачи на Комисијата, Драги Ѓоргиев од македонска страна и Ангел Димитров од бугарска страна на прес- конференција денеска во 17:45 часот. Неофицијално, веќе е започната дискусија во однос на усогласување на препораки за нашите учебници по историја за 7 одделение.
Од македонскиот тим во најавата за десеттиот состанок напоменаа дека покрај вообичаените теми, учебниците за историја и предлог-идеите за заедничко одбележување на историски личности и настани, Комисијата ќе дискутира и за теми и прашања кои во изминатиов период претставуваа пречка во работата или, пак, причина работата на Комисијата и нејзиниот академски и експертски карактер да бидат политизирани, со што се предизвикува штета на процесот на градење добрососедски и пријателски односи.

Шефот на бугарскиот тим од Мешовитата комисија за историски прашања, Ангел Димитров, вчера кусо пред средбата рече дека очекува да биде постигнат некаков резултат за отворените прашања.
„Почнуваме со добри очекувања, а како ќе биде понатаму ќе видиме. По повеќе од една година, се надеваме дека ќе има некаков резултат“,
рече Димитров по пристигнувањето во Скопје.
Интензивирање на комуникацијата
Десеттиот состанок на Комисијата, која е формирана со цел да најде заеднички јазик за надминување на разликите на двете земји во однос на одредени историски случувања, се одржува во тензична атмосфера, откако Софија постави нови условувања во однос евроинтеграцискиот процес, преку појаснувачкиот меморандум испратен до земјите-членки на Унијата.
На проблемот со Бугарија интензивно се работи, велат властите во земјава, а пред сѐ фокусот е ставен на интензивирање на комуникацијата со цел да се решат недоразбирањата.

Премиерот Зоран Заев, кој на почетокот на ноември заминува за Софија во рамки на македонско-бугарското копретседавање со Берлинскиот процес 2020, каде што ќе има средба со својот бугарски колега Бојко Борисов, вчера истакна дека интензивно се работи на проблемот со Бугарија.
„Сакам да ја посетам Бугарија и не го кријам тоа што е моја желба, првата моја официјална посета од соседните земји да биде Република Бугарија заради пријателството, заради тоа што првиот мандат почна така и верувам дека големи успеси на државата се прокнижија во целиот овој период и верувам дека тоа ќе се случи“,
истакна вчера Заев.
Премиерот рече дека кога ќе има излезни решенија со Бугарија, веднаш ќе бидат соопштени.

Министерот за надворешни работи Бујар Османи рече дека неодржување на првата меѓувладина конференција во декември е неуспех за сите – и за нас, и за Бугарија, и за германското претседателство, но и за сите учесници во Берлинскиот процес.
„Треба да прифатиме дека отсега ќе треба да бараме консензус со 27 земји членки. Во сите 130 чекори може да се случи една земја членка да не даде потврда. Во однос на Бугарија, јас мислам дека постои простор и разбирање од двете страни за важноста на постојниот момент и со работата на комисиите и политиката да најдеме начин за напредок“,
изјави Османи вчера на прес-конференција.
Ја повика опозицијата кај нас да не ги користи овие прашања за дневно-политичка битка за поени бидејќи, како што рече, сето ова не ја засега само Владата, туку сите граѓани.
Заедничката македонско-бугарска комисија досега успеа да постигне одреден напредок во однос на античкиот период и средниот век, но не и согласност околу прашањето за Гоце Делчев.
Комисијата има препорачано заедничко одбележување на пет историски личности од значење за историјата и културата на македонскиот и бугарскиот народ, но и за другите народи на Балканот и во Европа – свети Кирил и Методиј, свети Климент, свети Наум и цар Самуил. Усвоени за препораки и за подобрување на учебниците по историја за шесто одделение во земјава и петти клас во Бугарија, кои се однесуваат на античкиот период од минатото, како и препораки за подобрување на учебниците за 7одделение/6 клас.
*Поврзани вести
Преименувањето на 24 Мај во Ден на бугарската писменост е спротивно на Договорот, смета Османи