При полициска акција откриени се лабораторија за дрога, хероин и марихуана. Во акцијата, исто така, запленети се осум парчиња оружје. Како што информираат од Министерството за внатрешни работи, во вчерашните акции приведени се вкупно седум лица.
При претрес во домови и помошни простории во с. Којково, Кратовско и во с. Злетово пронајдени се три карабини, четири ловечки пушки, една малокалибарска пушка, без документација. Притоа се приведени четири лица – Д.М. (25), З.М. (44), М.М., и Љ.М..
Во близина на куќата на Љ.М. во с. Којково откриен е и насад засаден со марихуана, а при претресите се пронајдени и лабораторија за преработка, стебла марихуана засадена во пластеници (високи од околу 2 м), 10 тегли со екстракт од марихуана, поголема количина семки од марихуана, платформи за сушење поголема количина марихуана и марихуана во процес на сушење, сад во кој се вари марихуана, остатоци во ќесиња од цедена марихуана.
„Во моментот кога полициските службеници почнале со претреси, во лабораторијата се одвивал процес на обработка на марихуаната“,
информираат од МВР.
Во дополнителна акција, полициски службеници извршиле претреси во дом на Т.Ј. (26) од Велес и притоа се пронајдени два килограма марихуана и други предмети.
Во акција спроведена од СВР Струмица и СВР Велес приведени се уште две лица е Х.Б. (44), дилер на хероин од Велес. Кај С.И. од Струмица, пак, пронајдени се 50 грама хероин во моментот додека го купувал од други лица. Лицата се обиделе да избегаат со возило „бе-ем-ве“, но по преземани мерки тие се фатени во Неготино и приведени.
Против приведените ќе бидат поднесени соодветни пријави до надлежното обвинителство, соопшти МВР.