На конференцијата ќе присуствуваат шефови на држави и влади, министри за надворешни работи, парламентарни делегации, претставници од бизнис-заедницата
Претседателот Стево Пендаровски денеска во Братислава, Словачка, ќе учествува на Глобалниот безбедносен форум „ГЛОБСЕК 2020“, каде што ќе има обраќање на тема „Западен Балкан по ковид-19“.
За време на работната посета на Братислава е предвидено Пендаровски, како што соопштија од неговиот кабинет, да оствари билатерална средба со Сузана Чапутова, претседателка на Словачка, Мирослав Лајчак, специјален претставник на ЕУ за дијалогот Белград-Приштина и за други прашања за Западен Балкан и Олга Стефанишина, заменик-премиерка за европска и евроатлантска интеграција на Украина.
Годинешниот форум „ГЛОБСЕК 2020“ се одржува под мотото „Заеднички да го излечиме светот – закрепнување по целосното затворање“, а темите на дискусија се фокусирани на влијанието на кризата од ковид-19 врз повеќе сфери од општествениот, економскиот, социјалниот и политичкиот живот, како и можностите за изнаоѓање одржливи решенија во периодот што следува, соопштија од кабинетот на Пендаровски.
На конференцијата ќе учествуваат шефови на држави и влади, министри за надворешни работи, парламентарни делегации, претставници од бизнис заедницата, како и многубројни претставници на влијателни меѓународни невладини и тинк-тенк организации од Европа и од светот.