Kомесарот за соседство и проширување на Европската Унија, Оливер Вархеји, денеска се сретна и со претставници на најголемата опозициска партија во земјава, ВМРО-ДПМНЕ.

На средбата со Вархеји, на која се разговарало за актуелната политичка, економска и здравствена состојба во земјава, биле претседателот на партијата, Христијан Мицкоски, потпретседателот Александар Николоски и секретарот за меѓународна соработка Тимчо Муцунски.
Во партиското соопштение се наведува дека Мицкоски искажал загриженост во однос слабостите и злоупотребите на механизмите и институциите од страна на власта, недоволното справување со корупцијата која е распространета во сите области, за злоупотребата на носење на закони по скратена постапка со европско знаменце и слабиот напредок во подобрување на квалитетот на воздухот и намалување на загаденоста, области кои се анализирани во Извештајот на ЕК за нашата земја.

„Мицкоски укажа и на политичката состојба во која се наоѓа државата каде што потенцираше дека криминалот, корупцијата се многу застапени и дека има селективно владеење на правото. Исто така, тој кажа дека власта дели тендери на лица кои се блиски до власта и за тоа никој не одговара“,
соопштија од ВМРО-ДПМНЕ.
Мицкоски, исто така, пред Вархеји ја критикувал власта дека не знае да се справи со ковид-19 и ја обвинил дека поради нејзината неспособност бројот на заразени и починати е на многу високо ниво.
„Тој посочи дека во врска со пандемијата не се презема ништо, како на здравствен така и на економски план“,
се вели во соопштението од ВМРО-ДПМНЕ.
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ за својата партија, пак, рекол дека има јасни и конкретни политики, кои ќе имаат влијание врз членството во Европската Унија.