Според МВР едно од лицата било под дејство на алкохол и почнало агресивно да се однесува, додека друго лице физички го нападнало полицаецот
Двајца скопјани се приведени и против нив ќе бидат поднесени соодветни пријави, откако по претходна расправија дошло до физичка пресметка со полициски службеник.
Инцидентот се случил пред два дена во близина на пекара кај булеварот „Партизански одреди“.
На видеото кое го објави „А1он“ се гледа расправијата со полициските службеници и моментот кога еден маж го фаќа за врат полицаецот.
„Ајде бе удри ме“, вели едно од лицата на видеото, додека тој што снима дофрла „Само нека те удри, ќе има дисциплинска. Сите ќе бидете казнети“.
Од МВР велат дека до инцидентот дошто откако полицијата побарала едно од лицата да се легитимира, бидејќи не носело заштитна маска.
Според полицијата, лицето било под дејство на алкохол и почнало агресивно да се однесува, додека друго лице почнало физичка пресметка со полицискиот службеник.
„Двајца полициски службеници вршејќи мотопатролна дејност на оваа улица забележале лице кое не носело заштитна маска, а било и под дејство на алкохол и од него побарале лична карта со цел негово легитимирање. Лицето рекло дека не носи лична карта и почнало агресивно да се однесува кон полициските службеници, по што дошле и други лица, а едно од нив физички нападнало полициски службеник. Лицата веднаш се лишени од слобода и спроведени во ПС Центар, каде им бил утврден идентитетот. Лицето што не носело маска и агресивно се однесувало е А.Т. (20) од Скопје, а лицето што физички нападнало полициски службеник е И.М. (22) исто така од Скопје. За целиот настан е изготвен соодветен службен материјал. Секој што ќе нападне полициски службеник кој се грижи за безбедноста на граѓаните, ќе се соочи со законот. Напад врз полициски службеник е сериозно кривично дело и такви постапки и однесување нема да се толерираат“,
велат од МВР.
Од МВР додаваат дека секој што ќе нападне полициски службеник ќе се соочи со законот.
„Напад врз полициски службеник е сериозно кривично дело и такви постапки и однесување нема да се толерираат“,
велат од МВР.
