Во агендата на Вархеји, која сѐ уште не е финализирана, оставен е простор за негово обраќање во Собранието
Европската комисија попладнево ќе го објави годишниот извештај за Северна Македонија. Во документот, кој претходно ќе се разгледува на ниво на Колеџ на комесари (неделна седница на Европската комисија), се содржани оценките на Брисел за постигнувањата на земјава во спроведувањето на реформите во изминатата година.
Веќе утре еврокомесарот за проширување доаѓа во земјава. Според информациите на „360 степени“, станува збор за неколкучасовен престој на Оливер Вархеји во Скопје.
Во текот на посетата е предвидено еврокомесарот да се сретне со претседателот Стево Пендаровски, премиерот Зоран Заев и со надлежните министри во Владата.
Во агендата на Вархеји, која сѐ уште не е финализирана, оставен е простор за негово обраќање во Собранието. Се очекува еврокомесарот да прати пораки на поддршка за сработеното, но и да укаже на тоа што треба да се преземе во идниот период.
Очекувањата во земјава, но и во Европската комисија, како и кај дел од влијателните земји членки, како Германија, која е претседавач со Советот на ЕУ, се дека во декември ќе се одржи првата меѓувладина конференција меѓу земјава и ЕУ, што ќе значи и де факто почеток на преговорите за членство.