Села и Гаши бараат одговорност од премиерот Заев и од министерот Филипче затоа што не се изградени доволно модуларни болници и што сѐ уште нема вакцини за населението
Коалицијата Алијанса за Албанците и Алтернатива предлагаат Универзитетските клиники во Клиничкиот центар да бидат прогласени за „зелени зони“, каде што ќе се лекуваат пациенти со разни болести кои негативно влијаат на општото здравје на населението, додека Градската болница „8 Септември“, спортската сала „Борис Трајковски“ и касарната „Илинден“ да станат ковид-центри или „црвени зони“.
Исто така, тие предлагаат секој граѓанин еднаш неделно да може да се тестира со брзи тестови за коронавирус, како и проширување на Комисијата за заразни болести со професионалци од областа на инфектологија, микробиологија и имунологија.
Тие повторно ја обвинија Владата, а особено Министерството за здравство дека не ги сфатиле сериозно предлозите на Светската здравствена организација за третиот бран и неговите последици и не ја подобриле инфраструктурата на болниците, не се изградени повеќе модуларни болници ниту, пак, има вакцини.
„Ние сме на крајот на март или на крајот на првиот квартал на годината, кога според ветувањата, требаше да се обезбеди доволно количество вакцини за да се постигне колективен имунитет и да се нормализира епидемиолошката состојба. Нас не ни требаат изговори или поплаки за одложувањата, но бараме одговорност од премиерот Заев, вицепремиерот Груби, министерот Филипче и заменик-министерот Хасани за необезбедување вакцини и аферата со кинеските вакцини“,
порачаа од партиите на Села и Гаши.