Тендерите за надворешна механизација и за ископ на јаглен и јаловина во РЕК Битола надминаа 50 милиони евра од изборот на новата влада во јуни 2017 година. До оваа сума се доаѓа ако на досегашните тендери за оваа намена се додаде и вчера објавениот договор со „РУД-КОП“ во износ од 5,6 милиони евра. Битолската компанија ќе врши ископ на јаглен, меѓуслојна и кровинска јаловина во ПЕ Рудници, РЕК Битола во следните 12 месеци. „РУД-КОП“ го добила тендерот во конкуренција со само уште една фирма која понудила далеку повисока цена.
Ова не е првпат „РУД-КОП“ да добие тендер за РЕК Битола, но е најголем за оваа фирма. Вредноста на договорот од 5,6 милиони евра ги надминува годишните приходи на „РУД-КОП“, која лани пријавила вкупен приход од 2 милиона евра.
Договорот со „РУД-КОП“ доаѓа две недели откако беше објавено дека и компанијата „ПЕЛИСТЕР“ од Битола ќе копа јаглен и јаловина за потребите на РЕК Битола за 12,7 милиони евра со ДДВ. Со тоа продолжува праксата воспоставена од претходната влада – наместо да се купи сопствена механизација за РЕК Битола, работите да ги вршат надворешни фирми. Актуелното раководство на Електрани на Северна Македонија (поранешно ЕЛЕМ) и на РЕК Битола веќе втора година најавуваат купување механизација. Детали за целиот историјат на случајот, можете да прочитате во сторијата што „360 Степени“ ја објави во понеделникот.