Нови 22 случаи на заболени од коронавирус се дијагностицирани во последните 24 часа, информира Министерството за здравство. Со нив вкупниот број на заболени до денеска до 12 часот изнесува 136 лица.
По градови новите случаи се од Скопје (15), Дебар (4), Куманово (2) и Охрид (1).
Во меѓувреме, регистриран е и вториот смртен случај од коронавирусот. На Клиниката за инфективни болести во Скопје синоќа почина 63-годишен маж од Дебар, кај кого дошло до нагло влошување на состојбата.
Од Министерството за здравство велат дека пациентот бил хоспитализиран на Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби на 17 март, без покачена температура, но со наод на белите дробови и бил зависен од кислород. Откако во текот на ноќта нагло се влошила неговата состојба, веднаш бил интубиран, ставен на респираторна машина, но во неколку часа неговата состојба дополнително се влошила и пациентот починал.
Претходно, од коронавирусот почина 57 годишна жена од Куманово, која, како што информираше министерот Филипче, покажала негативни резултати на две тестирања, а посмртно ѝ било направен уште еден тест кој покажал позитивен резултат.