За жал го имаме и првиот смртен случајот од коронавирусот во земјава, информираше министерот за здравство Венко Филипче.
Станува збор за 57 годишна жена од Куманово која починала синоќа.
Кога жената била хоспитализирана имала симптоми на коронавирус и лекарите ѝ земале брисеви. Биле направени два теста, но и двата биле негативни.
Сепак, бидејќи имала симптоми на коронавирус, лекарите продолжиле да ја третираат како пациенит сомнителен за коронавирус.
Жената починала откако состојбата нагло ѝ се влошила.
„Брис е повторно земен после костатација на смртта во текот на вчерашниот ден и тој бил позитивен. Брисот е земен заради наглото влошување на состојбата бидејќи тоа е нетипично за друга болест и тоа ги натерало колегите повторно да се посомневаат и земат уште еден трет брис“,
рече Филипче.
Бидејќи имало нагло влошување на нејзината состојбата што е типично за случаите со коронавирусот, лекарите решиле по смртта да земат уште еден брис и овој тест се покажал позитивен.
Покрај жената, хоспитализиран е и нејзиниот син кој е на 33 годишна возраст.
„Тој е хоспитализиран 2-3 дена после неговата мајка во текот на минатата недела. Вчера настанало влошување на неговата состојба. бил прво префрлен во одделот за изолација на Клиниката за пулмологија и потоа според протколот е префрлен на Клиниката за инфективни болести каде што е сега сместен во стабилна здравствена сосотјба“,
рече министерот.
Министерот информираше и новозаразените 29 пациенти, за кои претходно преку соопштение веќе информираа од Министерството за здравство. По градови тие пациентите се од: Скопје (22), Штип (3), Дебар (2), Куманово (1) и Охрид (1).
Со нив, како што е познато, бројката на дијагностицирани пациенти со КОВИД-19 денеска до 12 часот изнесува 114.
Според местото на живеење, 114-те заразени се од: Скопје (65), Дебар (36), Штип (7), Кавадарци (2), Охрид (2), Гостивар (1), Куманово (1).
„На Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби во моментов се хоспитализирани 24 пациенти. 7 пациенти се континуирано на третман со кислород, 11 се веќе во стабилна – добра здравствена состојба. Утре, по истекот на 14 дена од поставување дијагноза, кај 6 пациенти ќе се зема контролен брис. Од нив 5 се во добра состојба, а кај пациентката кај која имаше влошување, нема промена на состојбата и таа се уште е на респираторна машина. Пациенти кои се на домашно лекување се во постојан контакт со лекарите“,
рече Филипче.