„Отпеана“ Саботажа, емитувана на 22 април 2019 година (понеделник) на ТВ Алсат-М во емисијата „360 степени“.
автор: Среќко Поповски
монтажа: Коста А.
„Отпеана“ Саботажа, емитувана на 22 април 2019 година (понеделник) на ТВ Алсат-М во емисијата „360 степени“.
автор: Среќко Поповски
монтажа: Коста А.
Ова се дел од насловите во светските медиуми за заклучоците од студија за врската меѓу вакцините и аутизмот, спроведена во Данска. Во Македонија стигнаа само фрагменти, па „360 Степени“ отиде во Копенхаген за да ги пренесе наодите од прва рака.
Институтот „Статенс Серум“ е работно место на главниот автор на студијата со светска слава, Андерс Хвид. На истражувањето работел речиси 20 години.
„Мотивацијата за оваа студија беше да се обидеме уште еднаш да ги отфрлиме некои од оние многу упорни митови за поврзаност меѓу вообичаената вакцина која се прима во детството МРП и аутизмот.“
Хвид и уште тројца негови колеги го правеле масовното истражување во оваа мала канцеларија. Неуморно ги анализирале и подредувале податоците од данскиот национален здравствен регистар, кој содржи комплетна историја за секој граѓанин – од прием на вакцини до болести и нивен третман.
„Тоа е навистина „златен рудник“ за луѓето како мене кои истражуваат. Можеме да ги користиме овие податоци за истражување и тоа го направивме во овој случај. Тоа е уникатно за Данска и мислам дека ова е едно од единствените места во светот, овде во Скандинавија, каде може да правите студија на половина милион деца, користејќи регистри.“, порачува истражувачот од Институтот „Статенс Серум“.
Попрецизно, со истражувањето се опфатени 657.461 дете или речиси сите новородени во периодот од 1999 до 2010 во Данска. Не се земени предвид само околу 6 илјади деца родени во тој период поради тоа што прерано починале, се иселиле или за нив нема валидно здравствено досие.
Резултатот од истражувањето „од прва рака“ звучи вака:
„Го гледаме овој сооднос. Ако е 1 значи дека нема разлика. Ако е помалку од 1, значи дека има заштитен ефект и ако е поголемо од 1 имаме зголемен ризик (за аутизам) поврзан со вакцините. Ова, во основа, значи дека имаме 7 проценти помалку аутистични деца меѓу оние што ја примиле вакцината МРП. Ако ја погледнеме возрасната група од 8 и 9 години, има малку повеќе деца дијагностицирани со аутизам кај невакцинираните.“
Хвид го побива и стравот на родителите- дека МРП вакцината го зголемува ризикот од аутизам кај помалите деца, ако постарото има аутизам.
„Бидејќи знаеме дека има силна генетска компонента во развојот на аутизмот, па ако имате аутистичен брат или сестра, независно од вакцинацијата, имате многу повисок ризик дека ќе заболите од аутизам. Овде може да видиме дали има некој период по вакцинацијата во кој е зголемен ризикот, но како што може да видите нема таква група кај која е зголемен ризикот по вакцинацијата, што е многу смирувачко.“
Иако обемната студија покажува дека нема врска меѓу МРП-вакцината и аутизмот, па дури и дека има повисок ризик кај невакцинираните, Хвид е на удар од антиваксерската заедница.
„Луѓето не веруваат во она што надлежните им го кажуваат. Претпочитаат да веруваат во она што го наоѓаат на интернет.
-Имавте негативни коментари за студијата?
Да, многу, многу.
– Што велат?
– Бидејќи работевме на ова 20 години, добивавме физички закани од гневни родители и слично. Повеќе или помалку, навикнат сум и очекував такви работи.“
„Таа, всушност, ја прими МРП-вакцината пред 2-3 недели. Случајност беше што документот се објави истовремено кога и таа се вакцинираше со вакцината за која зборуваме.“, додава Хвид.
Опфатот на населението во Данска со вакцината против мали сипаници е 93 отсто. Тоа е за два отсто помалку од 95, што се смета за граница за колективен имунитет. Речиси посакуваниот опфат е резултат на јавната свест, бидејќи во Данска вакцинирањето не е задолжително.
„Jас сум дефинитивно за вакцините. Не гледам аргументи зошто не би ги користеле вакцините.“
„- Дали ова дете е вакцинирано?
-Да, вакцинирано е. Мислам дека е важно да се вакцинираат своите деца.’
„И дедовците и бабите мислат дека вакцинирањето е важно.“
„Ние, всушност, размислувавме да патуваме во странство, во Бали или Франција. Но, бидејќи изби епидемија на мали сипаници, нема да биде безбедно за нас затоа што таа има само шест месеци и не може да ја прими вакцината за мали сипаници пред да наполни девет месеци. Така што, во основа, повеќе не можеме да патуваме слободно, бидејќи другите не ги вакцинираат децата. И тоа е срамота.”
„Моите деца, имам уште две други деца, неодамна ја примија. Тие се постари, имаат 8 и 10 години. Не ја примија порано, бидејќи не патувавме надвор од Европа. Штом слушнавме дека расте бројот на случаи со мали сипаници, мора да размислите за тоа дали ќе учествувате или не. Во овој случај избравме да ги вакцинираме.“ , велат анкетираните родители од Копенхаген за „360 степени“.
Данска е дом на 5 ипол милиони жители. Министерството за здравство финансиски го помогнало истражувањето, заедно со Ново Нордиск Фондацијата. Мини епидемиите со кои повремено се соочува земјата, според истражувачите, се резултат на патувањата на Данците во странство, но и на посетите на бројни туристи на нивната земја.
Ова е една од земјите во светот со највисока стапка на доверба во вакцините. Студијата направена од данските експерти имаше и има глобален ефект контра теориите на заговор и дилемите на родителите за поврзаноста на ММР вакцината со аутизмот. И покрај силното влијание на студијата, антивакциналните кампањи не запираат, но не запираат и данските истражувачи, чиј следен предизвик е опсежна анализа на составот на вакцините. За „360 Степени“ од Копенхаген, Славица Филиповска.
Во новото издание на „360 Степени“ на ТВ Алсат (19.4.2019 г.) – соочени со епидемијата на мали сипаници и со 22.000 се уште невакцинирани деца:
-од Данска, од прва рака, ви ги пренесуваме наодите од последната обемна студија (на примерок од над 650.000 деца), која потврдува дека нема поврзаност меѓу МРП-вакцината и појавата на аутизам – сторија од Копенхаген;
-министерот Венко Филипче и претседателката на Комитетот за имунизација, Александра Грозданова, ги прашуваме што преземаат властите, може ли да се спроведе најавата дека од 1 септември нема да биде примено ниедно невакцинирано дете во градинка или училиште, дали намалениот опфат е последица на антивакциналните кампањи или и на недовербата што ја прoизведува самиот здравствен систем;
-во ЕУ во 9 држави имунизацијата е задолжителна, а во другите 19 – на доброволна основа (но, со висок опфат)
– Нова „Саботажа“
„Ненаситна“ Саботажа, емитувана на 19 април 2019 година (петок) на ТВ Алсат-М во емисијата „360 степени“.
автор: Среќко Поповски
монтажа: Коста А.
Меѓународниот успех на репрезентацијата или домашните клубови вообичаено е причина за радост. Но, во земјава е причина и за гнев, бидејќи настапите на националниот и другите тимови може да се следат на телевизија само на странски јазик.
Чупиќ денеска 8 од 9. Еве го и деветтиот погодок на Иван Чупиќ.
Како се случи настапите на репрезентациите и клубовите во меѓународните лиги да останат без коментар на македонски јазик.
– Каналите кои се реемитуваат во Македонија мора да бидат реемитувани на оној јазик на кој оригинално се емитуваат во таа држава од каде имаат добиено дозвола – објаснува директорот на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги,ЗоранТрајчевски.
Спортските новинари бараат законска интервенција од државата.
– Македонија е единствената земја на Балканот, па и во Европа, која се самоцензурира кога е во прашање овој сегмент од спортското новинарство – смета новинарот Бранко Илиевски.
Владата најавува решение за проблемот, но по изборите.
Европскиот ракометен шампион од пред две години, скопски Вардар, и годинава е во игра за најважниот трофеј. Двете победи против Загреб минатиот месец значеа пласман меѓу 8-те најдобри во Лигата на шампионите.
Но, дури и при домашниот триумф во „Јане Сандански“, македонскиот јазик, можеше да се слушне само во салата, а не и на малите екрани.
32:30 е за Вардар, кој ќе победи на крајот и во овој реванш меч, не со голема разлика, но тоа сепак ќе биде победа, тоа што и го посакуваа во центарот „Јане Сандански“. Мраковчиќ, Бичаниќ и на крајот запрен Валентино Равниќ. Останува 32:30.
Меѓународните настапи на Вардар, за жал, не се единствени што на телевизија можат да се следат само на „странски“ јазици. Така е дури и со националната фудбалска репрезентација.
Стојановиќ ја испушти топката, доаѓа Алиоски. Алиоски ја краде топката, многу непријатна ситуација. Повратна топка во просторот на 16 метри. Можност за Македонија. 1-1! Се случи грешка и еве изедначување…
Апсурдно или не – се е законски.
– Во конкретниот случај, имателот на правата Спорт клуб има дозвола од државата Луксембург да емитува програма на хрватски, српски, словенечки јазик, а во Македонија се реемитува верзијата на хрватски јазик. Во конкретниот случај, Спорт клуб нема дозвола од државата Луксембург да емитува програма на македонски јазик и бидејќи тие и ги имаат откупено правата за квалификациите за ЕП, коментарот на натпреварите е на хрватски јазик – вели директорот на АВМУ, Трајчевски.
Со други зборови Спорт клуб, Арена спорт, Евро Спорт и не можат да реемитуваат програма во Северна Македонија на македонски јазик, бидејќи немаат регистрирано свои ТВ станици во Македонија. А за такво нешто, немаат економски есап.
Организиран притисок за промена прават спортските новинари.
– За македонските телевизии е проблем и тоа што не можат да се борат веќе ни за авторските права, како за оние во ракомет за машкиот дел од Лигата на шампионите на ЕХВ, повеќе и тоа не е дел од она што се емитуваше на нашата национална телевизија. Тука се гледа дека ние не можеме да се бориме, но доколку се донесе законско решение доколку се обврзат сите странски телевизии, доколку сакааат да се емитуваат на овие простори да го направат тоа на локалниот јазик – вели спортскиот новинар Дамјан Николовски.
Зад такво решение стои и коментаторот Бранко Илиевски. Тој е единствениот коментатор на македонски јазик, чиј глас се слуша на Спорт Клуб само кога фудбалската репрезентација игра на домашен терен, во Лигата на нации.
– Сигналот кој се реемитува од стадионот каде што сме во моментот, оди директно во Хрватска, од Хрватска оди директно кај нашите гледачи и тоа е единствениот пат. Мора изворниот сигнал да се пренесе. Ние да сакаме да коментираме на Арена или Спорт клуб, тоа може да го направиме, но мора да одиме или во Загреб или во Белград со студио таму, законски во моментот не можеме. Големите спортски канали, верувајте, никогаш нема да се решат сами и да речат – Добар ден, сакаме да работиме со македонски редакции, затоа што никој ниту ги принудува ниту им создава обврска, тие тоа нема да го направат – вели Илиевски.
Илиевски и Николовски се дел од група на спортски новинари кои велат дека уште пред една година, понудиле решенија до Владата и министерството за информатичко општество.
– Значи, ние како спортски новинари дадовме можност од два месеца за техничка адаптација, од 3 месеца да се обработува 30 отсто на македонски, па новите 3 месеци со нови 30 отсто внесување на коментар на вкупната програма на каналите и потоа во нови 6 месеци да се обработува од тие 12 вкупно – 100 отсто на македонски. Дадовме многу предлози и сугестии, државата засега едноставно не презема ништо или ние не чувствуваме дека не презема ништо или до нас не се дојдени такви информации – истакна Илиевски.
За АВМУ, решението е кај Владата, а свои предлози имаат и тие.
– Постојат две решенија: едно е законска измена и да се овозможи на телеком операторите да добијат дозволи за медиумско емитување, дел од телеком операторите веќе имаат изразено желба за отворање на телевизии со спортски формат. Или втората опција Владата да вложи напор во разговори со странските канали кои веќе ги имаат откупено правата за територијата на Р. Македонија, да им се понудат услови, за да има кај нив интерес за да отворат нови телевизии во тие земји каде емитуваат и на македонски јазик. Постои трета опција, доколку Владата има финансиски средства, тие средства да ги насочи и кон јавниот сервис, па јавниот сервис во иднина да ги откупува правата за значајни, за оние спортски настани за кои во Македонија постои интерес – вели Трајчевски.
Идеите на спортските новинари и на Агенцијата му се добро познати и на надлежниот министер Дамјан Манчевски. Но, вели дека за прашањето штотуку почнале да разговараат.
– Ние средбата ја имавме само пред неколку месеци, еден или два. Не знам зошто една година се зборува. И во основа да, имаат предлог, меѓутоа тој предлог треба да се преточи во законски одредби кои нема да се во колизија со други закони – вели министерот Манчевски.
Повеќе буџетски пари за МТВ да ги купува правата, според Манчевски, би било нарушување на пазарот. Слично е толкувањето и за законски измени со кои телеком операторите би можеле да отвораат телевизии. А тука се и меѓународните правила на игра.
– Како што спомнав и претходно, ако гледаме само од овој аспект, прашањето лесно е решливо. Но, факт е дека сигналот од изворот не смее да се менува до крајот и операторот мора да го пренесува во изворната форма. Се обидуваме да најдеме решение да не се прекрши тоа генерално правило, важи секаде во светот…Не можеме да одиме против тоа. А притоа, да го адресираме овој специфичен проблем затоа што сме мало говорно подрачје на македонски јазик, а авторските права се почесто ги купуваат компании коишто се однесуваат на цели говорни подрачја. И сега, не знам од кои причини навистина, нашата земја е ставена во делот на ова говорно подрачје од поранешна Југославија, значи тој српско-хрватски јазик итн. што очигледно не е така. И затоа треба да најдеме начин, како ова ќе го регулираме. – смета Манчевски.
Дека владата не знае кој модел ќе го следи, покажува фактот што на Илинденска 2 се зборува и за уште еден предлог. Советникот за спорт на премиерот, Даниел Димовски, промовира независен спортски канал поддржан од државата.
– Темата спорт на македонски не е само прашање на македонскиот јазик. Темата е каде е местото на македонскиот спорт. Ние сме сведоци дека скоро на сите телевизии комерцијални, спортските репрезентации исчезнаа. Вие веќе и да ги немате. Почнувајќи од Канал 5, Телма, Сител, сите ако претходно видите дека имаа сериозни продукции на спортски настани, веќе ги нема. Остана само националниот канал, а тој е премалку бидејќи истиот оди… најчесто спортските и на собранискиот канал кој има друга намена, и практично нема простор за национален македонски спорт. Ако вие немате спорт домашен на телевизија, како ќе вршите промоција на спортот, како ќе им дадете начин на тие спортски федерации да ги промовираат своите спонзори и практично со исчезнување на овој простор, вие сте ги осудиле сите тие спортски организации и генерално спортот во Македонија на пропаст – смета Димевски.
Мноштвото идеи што се на маса значат дека во следните неколку месеци ќе остане праксата – македонската репрезентација или меѓународните настапи на клубовите да се следат на „странски“ јазик. Решение, велат од владата, ќе се бара по избори.
Помина уште еден 8-ми април – кога се одбележува Меѓународниот ден на Ромите, за уште еднаш да ги слушнеме реторичките заложби за целосна интеграција и обезбедување подобри услови за живот за припадниците на оваа зедница.
Но, наспроти ветувањата, факт е дека напредокот оди бавно. На пример, една од областите од кои треба да тргне подобрување на состојбата е образованието, но државата нема податок колку деца Роми се надвор од образованиот систем што потоа се одразува на севкупниот нивен живот.
Што откриваат десетте најупотребувани зборови во говорите на кандидатите за прв човек на државава?
„Со употребување, истакнување на овие зборови, како дел од вкупната порака, кандидатот се обидува, тоа е нормална техника и комуникациска стратегија, да ги приоретизира темите во главите на оние што го слушаат.“ – вели Гоце Пачемски, експерт за односи со јавност.
Иако кандидатката Гордана Силјановска-Давкова ја поддржува конзервативна партија…
„Во нејзината реторика, на пример, отсуствуваат такви зборови како што се семејство, традиционални вредности.“ – вели универзитетската професорка Јасна Бачовска-Недиќ.
Стево Пендаровски дисциплинирано се држи до PR стратегијата и политичката агенда.
„Европа е нагласена. Се разбира НАТО како некое клучно оставрување и стремеж.“ – смета Пачемски.
Блерим Река се обидува да наметне граѓански концепт.
„Тука сепак се работи за една реафирмација на етничките прашања во Македонија.“ – смета Бачовска-Недиќ.
Колку најчесто користениот наратив открива за личниот, а колку за политичкиот профил на идниот претседател на земјава?
_____________
Темелно анализиравме по три говори на тројцата кандидати за претседател одржани во различни средини. Потоа ги пребројавме зборовите за кои е воочливо дека Силјановска-Давкова, Пендаровски и Река често ги користат. Така составивме листи од топ-десет најкористени зборови за секој кандидат одделно, кои потоа ги анализиравме со универзитетската професорка Јасна Бачовска-Недиќ и PR-експертот Гоце Пачемски.
Кандидатот на владејачкиот СДСМ, Стево Пендаровски, најчесто ги користи следните десет збора:
1. Држава
2. Европа
3. Македонија
4. Народ
5. Проблеми
6. НАТО
7. Заедно
8. Етничка (заедница)
9. Напред
10. Политичари
„Европа е нагласена, значи патот кон Европската унија како приоритет. Македонија не е запоставена што е многу значајно особено бидејќи зборот Македонија е изоставен во слоганот. Употребувањето и нагласувањето на зборот Македонија и контекстот во кој е употребен исто има значење, дека е на висок приоритет. Народ, проблеми – значи не се бега од проблемите. Се разбира НАТО како некое клучно оставрување.“ – смета Пачемски.
„Гледам една социјалдемократска реторика. Ги потенцира проблемите. „Заедно“ – значи не прави некоја сегрегација, премногу не артикулира со зборот етнички, различности, со тоа сака да каже дека веќе сме ги надминале тие проблеми и сега имаме некои други стратегии.“ – смета Бачоска-Недиќ.
Блерим Река, кој е поддржан од опозициските БЕСА и Алијанса за Албанците, е со оваа топ десет листа:
1. Република
2. Македонија
3. Држава
4. Европска Унија
5. Албанско
6. Процент
7. НАТО
8. 21 април
9. Проблем
10. Балкан
„Република звучи државнички, звучи прифатливо за сите граѓани, како концепт е прифатлив, република како граѓански концепт, значи власта кај граѓаните. Меѓутоа зборот граѓанин, пак, не е меѓу најупотребуваните, туку се нагласува албанското, па се врзува со зборот процент. Мислам дека тука треба да се направи малку поквалитативна анализа во кој контекст е употребен зборот процент.“
Некогаш вели дека не треба да бидеме процент.
„Да. Меѓутоа сепак голема енергија и високо во приоритетот е објаснувањето што значи албанско, процент и република – концептот. Тие се врзани.“ – смета Пачемски.
„Тука сепак се работи за една реафирмација на етничките прашања во Македонија. Тоа, на некој начин, многу луѓе го гледаат различно.“ – додава Бачовска-Недиќ.
За кандидатот на опозициската ВМРО ДПМНЕ, Силјановска-Давкова, преброивме дека најчесто ги користи:
1. Македонија
2. Претседател
3. Проблем
4. Власт
5. Право
6. Избори
7. Граѓани
8. Устав
9. Европска Унија
10. Реформи
„Тие јасно кажуваат дека кандидатката својата сила, својата аргументација, ја темели врз своето знаење и експертиза. Се разбира тоа ќе биде клучот на нејзиното политичко дејствување доколку биде избрана за претседател. Меѓутоа еден од најретко употребуваните зборови е НАТО. Европска Унија е погоре. Тоа јасно укажува на влијанието на политичкиот дел, политичката стратегија да не се даде признание, случајно, на достигнувањата на сегашната владејачка гарнитура.“ – вели Пачемски.
„Морам да кажам дека оваа политичка реторика на професорката ја доведе до кандидат за претседател. Таа беше мошне активна во целиот процес на преговорите меѓу Македонија и Грција, а и претходно кога се кроеа мнозинствата во однос на амандманите. Професорката беше една од најактивните интелектуалци кој што беше противник на тоа како тече процесот, пред се од правен аспект. Да, таа е професор по уставно право. Од таму многу го имаме артикулирано зборот закон, Устав, држава, што мене лично ми смета. Треба малку поинаква реторика, малку поголем аспект на граѓаните, на човековите права, на едно ново димензионирање на националниот идентитет во 21 век.“ – анализира Бачовска-Недиќ.
Но, има еден краток збор кој, според искуството од досегашните изборни кампањи, политичарите често сакаат да го употребуваат – ЌЕ. Оваа честичка е на врвот според употребата и кај тројцата кандидати, пред посочените десет најкористени збора. Кај Силјановска-Давкова – убедливо најчесто, со оглед на тоа што држи и најдолги говори кои траат и над половина час.
„Впечатокот што го добиваат од пренагласувањето на честичката ЌЕ е дека овој човек премногу лесно ветува. Тоа е онаа, по мое мислење, рамнотежа на која треба да внимаваат говорниците, во овој случај кандидатите, да не влезат во замката на генерирање преголеми очекувања.“ – анализира Пачемски.
Претседателските кандидати речиси и да не го користат новото уставно име на земјава – Република Северна Македонија. Затоа, пак, користат скратено – Македонија – збор кој на Силјановска-Давкова и е најчесто употребуван. Таа го корити и старото уставно име – Република Македонија.
„Што се однесува до употребата кај Стево Пендаровски, мислам дека таа неупотреба е од кампањски потреби, бидејќи станува збор за нешто што може да предизвика револт кај населението.“ – вели Бачовска-Недиќ.
„Неупотребата на уставното име од страна на кандидатката на опозицијата е политички пресметано. Тоа е дел од нивната политичка стратегија и од таму кај неа тоа е намера, намера да се испрати друга порака, а таа потоа е и јасно образложена дека ние, всушност и јас лично, не го признаваме.“ – додава Пачемски.
Според нашите соговорници, дел од стандардната PR стратегија е во говорите често да се користат зборовите од слоганот на кандидатите. Но, тоа го прават само Река и Пендаровски. Зборовите „република“ кај Река и „заедно“ и „напред“ кај Пендаровски се меѓу десетте најупотребувани. На Река ова му е втор збор на листата. Кандидатката Силјановска-Давкова зборот „правда“, иако е во нејзиниот слоган, ретко го изговара. Не е ниту во првите десет, туку на 18-то место според фрекфенцијата на употреба.
„Неупотребата на зборот „правда“ асоцира, наговестува дека таа порака има потреба да се модифицира. Тоа е еден аспект, или, можеби, нагласувањето на зборовите право, Устав и закон кои комбинирано заедно се споменати 72 пати и ќе излезат на второ место веднаш после ЌЕ, упатува на стручноста на која инсистира кандидатката. Значи јас сум експерт по право, јас знам како ќе донесам правда за Македонија.“ – смета Пачемски.
„Тука имаме затајување на ПР тимот на професорката или професорката има голем личен интегритет и го запоставува слоганот, меѓутоа, јас мислам дека ова е еден не добро искомпониран слоган. Зборот „правда“ беше многу употребен и социјално потрошен во самите протести „нема правда – нема мир“ и „татковината повикува“ што е еден старомоден, конзеравтивен, нели. Тоа е мој став и мое лично мислење.“ – заклучува Бачовска-Недиќ.
Сведочиме на мирна кампања без многу возбудувања, се согласуваат нашите соговорници. Реториката е со висок степен на меѓусебна почит и толеранција што е ново за земјава. Сепак, можно е заострување особено пред решавачкиот втор круг.
Во новото издание на „360 Степени“ на ТВ Алсат (15.4.2019 г.):
-топ-листа на најкористените зборови во настапите на претседателските кандидати и нивна анализа;
-анкетите го скицираат исходот од гласањето в недела – нема поголеми разлики во истражувањата на релевантните агенции;
-помина уште еден 8 Април – Светски ден на Ромите: државата не знае колку деца Роми се надвор од образовниот процес;
-зошто меѓународните настапи на фудбалската репрезентација и клубовите во други спортови ги следиме со коментари на хрватски и српски јазик;
-„Саботажа“.
„Локум“ Саботажа, емитувана на 15 април 2019 година (понеделник) на ТВ Алсат-М во емисијата „360 степени“.
автор: Среќко Поповски
монтажа: Коста А.
by 360степени
Вицепремиерот Бујар Османи во интервју за емисијата „360 Степени“ на ТВ Алсат зборуваше за посетата на Берлин и реформите во пресрет на Извештајот на ЕК. Тема беше и законот за јавното обвинителство и СЈО.
Османи кажа дека се направени реформи во борбата против корупција и дека СЈО е институција која испорачува резултати и затоа е важна и за Северна Македонија и за ЕУ.
Запрашан за ставот на ДУИ, и дали поддршката за СЈО е само реторичка, тој забележа дека ДУИ се третира неправедно и што и да прави, ќе се најде некаква маана.
– ДУИ бара да се донесе законот за јавното обвинителство како што е предложен од Владата. Нека се стави на дневен ред во Собранието, сите пратеници од ДУИ ќе гласаат, затоа што е во наш интерес, институционално да се објаснат и да се разобличат сите шпекулации и напади коишто во една специјална војна ни беа наметнати во изминатиот период – рече Османи.
На забелешката за негласањето за притворот на Трајко Вељаноски и за Љупчо Димовски во Собранието кое го води Талат Џафери од ДУИ, Османи одговори дека претходно бил дозволен притвор за пратеник.
– Ова повеќе беше прашање во лошо менаџирање меѓу пратеничките групи во техниката за носење одлука, а не нешто друго. Волјата на ДУИ е јасна. ДУИ е единствената партија којашто има јавно побарано истрага за сите нејзини функционери од денот на формирање на партијата. Нека излезе една друг партија и нека го повтори ова што ДУИ го донесе како одлука на седница на претседателството и јавно упати порака до институциите, затоа што Ахмети и ДУИ немаат намера да го носат товарот на било какви индивидуални девијации коишто можеби се случиле. Меѓутоа не можеме да дозволиме една организација како ДУИ, со целиот габарит што го има да биде предмет на една таква војна, без институционална разрешница – рече Османи.
Тој рече дека мисли дека ќе се донесе законот за јавното обвинителство.
„Ноктурна“ Саботажа, емитувана на 12 април 2019 година (петок) на ТВ Алсат-М во емисијата „360 степени“.
автор: Среќко Поповски
монтажа: Коста А
by 360степени
Вицепремиерот Бујар Османи во интервју за емисијата „360 Степени“ на ТВ Алсат зборуваше за посетата на Берлин и краткиот период меѓу објавувањето на извештајот на ЕК за земјава (29 мај) и последната сесија на Бундестагот (3-7 јуни) пред Европскиот Совет (20-21 јуни), на кој треба да се носи одлука за почеток на преговори со Северна Македонија.
– Неопходно е Советот на ЕУ да и даде мандат на ЕК да ја подготви преговарачката рамка… преговарачката рамка детерминира во која линија ќе се одвиваат преговорите понатаму. На крај откако Комисијата ќе ја достави преговарачката рамка до земјите членки и до Советот, Советот треба да ја усвои таа рамка и да закаже заедничка владина конференција. Тоа значи дека во моментот кога се одржува заедничката владина седница и официјално почнуваат преговорите. За нас е важно оваа точка да остане фиксна и да не се менува, значи одржувањето на заедничка владина конференција. Ние минатата година во јуни имавме прецизна рамка за почнување на преговорите. Тоа што ни недостасуваше минатата година во јуни беше одлука за давање мандат на Комисијата за да подготви рамка. Затоа, сега расправата ќе биде, дали ќе може во јуни Комисијата да добие мандат за да подготви преговарачка рамка. Можен период може да биде еден месец, една недела, може да биде три месеци. Зависи како ќе се договорат земјите членки за текстот на преговарачката рамка за да се одржи првиот состанок. Точката за која ние мислиме дека не треба да се помрдне е да се одложи меѓувладиниот состанок каде официјално започнуваат преговорите. Ние сме се уште оптимисти дека има простор во јуни, иако вие го истакнавте фактот што единствениот состанок на Бундестагот е само два дена. Затоа што извештајот ќе биде објавен на 29 мај, среда, потоа четврток, петок, сабота и недела не се сметаат – рече Османи.
На прашањето дали како вицепремиер и како влада ќе се чувстуваат одговорни доколку во јуни нема датум за преговори, Османи рече дека лично неговата улога е до извештајот.
– Бидејќи сум координатор на реформите, важно ми е дали извештајот ќе биде позитивен или не. Од извештајот до Советот е одлука на земјите членки. Мислам дека повеќе одговорност како Влада би чувствувале доколку ја испуштиме првата меѓувладина конференција да биде оваа година. Бидејќи тоа е фиксниот момент независно кога е одлуката, јуни, јули, почеток на јуни или после 10 дена. Дали се поместува почетокот на преговори. Значи, ние зборуваме за почеток на преговори, којшто е првата меѓувладина конференција.
– Ама немјоте. Сега воспоставувате нов репер. После ќе ве држиме за тој репер… очигледно, многу се комплицирани работите во Европската Унија и навистина не се знае што ќе се случува.
– Никогаш не биле покомплицирани – рече Османи и ги наведе како примери Брегзит, односно хаотичниот процес за излез на Велика Британија од ЕУ, како и изборите за Европскиот парламент.
Османи во интервјуто рече дека го очекува најпозитивниот извештај досега.
Во новото издание на „360 Степени“ на ТВ Алсат (12.4.2019 г.) – разговор со вицепремиерот Бујар Османи по посетата со Никола Димитров на Берлин:
-дали Германија од главен поддржувач на отворањето преговори за членство во ЕУ со земјава, станува главна пречка за тоа да се случи во јуни;
-дали зад навидум техничката пречка со краткиот период меѓу објавувањето на извештајот на ЕК за земјава (29 мај) и последната сесија на Бундестагот (3-7 јуни) пред Европскиот Совет (20-21 јуни), на кој треба да се носи одлука за почеток на преговори со Северна Македонија, се кријат други посуштински грижи и планови на Германија и други држави-членки;
-дали земјава во јуни може да биде колатерална жртва на стравот на ЕУ од заканите на Еди Рама дека ако Северна Македонија добие датум во јуни, а Албанија не, тој ќе ја отвори границата кон Косово;
-дали ако се надмине „формалната пречка“ во Германија, Франција и Холандија ќе се согласат со отворање преговори со земјава во јуни; какво е значењето на законот за СЈО
– Нова „Саботажа“
by Маја Пероска
Снимките од комплексот судови во Скопје се прв синоним за лицето на правдата во земјава.
Но, откако ќе се изгасат светлата во судските згради, на овој простор се палат други светла.
Продавањето на телото за да се заработи за живот не е само домашен феномен. Но, во земјава, сексуалните работници се изложени на секаков ризик.
– Кажи што сакаш?
– Што нудиш?
– 3 илјади. Во хотел само.
– Во хотел?
– Да.
– Колку време?
– Саат време.
– Заштита, кондом или без?
– Не, со кондом, нема без кондом – се вели во разговорот со една сексуална работничка.
Снимајќи тајно, ни стана јасно дека градот е поделен на зони и дека не е прифатливо мешање на туѓа територија.
-Зашто со женска сте?
– Бараме уште една.
– За хотел или тука?
– Кај ти одговара повеќе?
– Не работиме така, она не работи тука, така? Ние знаеме…
– Па добро, не ти е конкуренција. Не ти е конкуренција, викам… Колку бараш ајде кажи.
– Хотел 2500.
– А за тука? За тука не? Велиш за у хотел 2500, а за тука?
– Илјада денари – вели една од сексуалните работници.
Сексуална работа, која е незаконска, има во сите градови. Но, само во Струмица најдовме жена која заработува на овој начин и која отворено агитира за промени. Моника Тасевска е самохрана мајка. Професијата доброволно ја избрала.
„Мислам дека со самата моја борба, барем околината во која што живеам, ја освестувам дека дискриминацијата што ја прават е неправедна. Дека и јас сум дел од таа околина, моето дете е дел од таа околина, дека ние тука припаѓаме и дека не сум ништо поразлична од нив”, истакнува Моника.
Тасевска аргументира дека сексуалната работа не може да се искорени. Поради тоа, заедно со првиот колектив на сексуални работници во земјава, активно се залага за нивните права.
„Да работам слободно, да бидам здравствено заштитена, да бидам заштитена од насилства, дали од некои клиенти, односно престапници, дали од полиција, воглавном, во најголем дел е здравствената заштита и заштитата од престапниците околу нас“, вели Тасевска.
Здравствената заштита е особено важна, бидејќи професијата подразбира честа промена на партнери. Тоа е ризик од сексуално преносливи болести и за самите работници, но и за општата популација. Моника не се плаши за своето здравје. Нашата соговорничка тврди дека, иако не е регулирано, таа и нејзините колеги, водат сметка.
„Обична жена многу поретко оди на гинеколог отколку сексуалните работници. И мислам дека сексуалните работници се многу посвесни. Многу се посвесни за ризикот кој го имаат и за начинот на заштита, а и се заштитуваат многу повеќе од останатите луѓе“, потенцира Моника.
Основните причини поради кои Тасевска и другите работници бараат промени се тоа што актуелната законска регулатива за сексуалната работа во земјава е речиси неприменлива. Оној што дава сексуална услуга може да се казни само прекршочно, со парична казна, што на терен нема ефект. Тој што бара сексуална услуга не се соочува со никаква казна, па нема страв да бара таква услуга. Единствените што може да одговараат кривично се посредниците, односно макроата.
А, колку такви се фатени и какви се ефектите, може да се заклучи од податоците на МВР.
Најголем број кривични дела за „посредување во вршење проституција“ се евидентирани во 2014 година, вкупно 8. Минатата година регистриран е само еден ваков случај.
За „оддавање, наведување или посредување при проституција“, исто така, најмногу прекршоци се регистрирани во 2014 година – 4. Во 2017 и 2018 г., прекршочно биле казнувани по 3 сексуални работници годишно.
Но, од МВР не добивме одговор на други наши прашања, освен за обвинувањата од сексуалните работници на адреса на МВР.
„Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди нема доставено пријави за употреба на сила од страна на полициски службеници врз сексуални работници во текот на 2018 година и изминатиот период од 2019 година“, информираат од МВР.
Со сексуалните работници на терен постојано контактира невладината „ХОПС“. Тие велат дека сексуалните работници, поради страв, не пријавуваат малтретирање.
„Честопати сексуалните работници кои искусуваат насилство, одбиваат да го пријават во полиција, заради тоа што се плашат дека тие ќе бидат криминализирани, заради стравот од примена на санкција дека нели се оддаваат на проституција, па можат да бидат казнети заради тоа што се занимаваат со законито недозволиво дејствие“, вели Наташа Бошкова од „ХОПС“.
Поради опасноста на која се изложени и сексуалните работници, но и клиентите и НВО секторот препорачува нов закон. На маса се два предлога, чии два клучни збора се „легализација“ и „декриминализација“ на сексуалната работа.
„Примерите од другите земји каде е легализирана сексуалната работа, укажуваат на тоа дека често државата применува рестриктивни закони во однос на локација, време, кој може да се занимава со сексуална работа, се фаворизираат организирани бизниси на сексуална работа, наспроти индивидуалната. Од друга страна, моделите на декриминализација, претставуваат модели во кои се укинуваат првично сите одредби со кои се криминализира однесувањето поврзано со сексуална работа. Насилството е забрането нели, како што е и во Македонија, но ги охрабрува сексуалните работници, ги еманципира, да тие ги препознаваат, пријавуваат и бараат заштита од насилството. Така што, да, моделот на декриминализација е решение во однос на заштитата од насилство на сексуалните работници“, потенцира Бошкова.
Со помош на невладиниот сектор, сексуалните работници веќе имаат изградено став дека бараат декриминализација, а не легализација. Единствениот став на владата по ова прашање беше искажан на Тркалезната маса за регулација на сексуалната работа на 5-ти декември минатата година. Министерката за труд и социјална политика, Мила Царовска, предложи отворање дебата за модел за регулација, во кој приоритет би биле потребите и барањата на сексуалните работници. Сепак, подготвеноста кај владата засега е само декларативна бидејќи се уште нема ниту збор дека се работи на некакво решение. Сосема друго прашање е на што е подготвено општеството.
©2024 360 степени, Сите права се задржани