Претставувајќи го предлогот за избор на Зејнула за министер без ресор, премиерот Христијан Мицкоски пред пратениците рече дека од нив не бара поддршка за кандидат за член на Владата, туку за принципот дека институциите треба да ги водат луѓе кои можат да понесат одговорност, да носат одлуки и да работат во интерес на сите граѓани без разлика на нивната етничка или политичка припадност
Со 67 гласа „за“, 13 „против“ и ниту еден „воздржан“, пратениците на денешната седница го избраа претседателот на Демократската партија на Турците во Македонија, Зулфиќар Зејнула, за министер без ресор во Владата.

По гласањето, новоизбраниот министер Зејнула даде свечена изјава во Собранието.
Претставувајќи го предлогот за избор на Зејнула за министер без ресор, премиерот Христијан Мицкоски пред пратениците рече дека од нив не бара поддршка за кандидат за член на Владата, туку за принципот дека институциите треба да ги водат луѓе кои можат да понесат одговорност, да носат одлуки и да работат во интерес на сите граѓани без разлика на нивната етничка или политичка припадност.
„Нашата држава денеска има потреба од стабилност, од институции што функционираат и од луѓе кои нема да ја трошат енергијата на политички пресметки, туку ќе ја вложат на решавање на проблемите на граѓаните. Токму затоа денеска го предлагам Зулфуќар Зејнула за министер без ресор“,
изјави Мицкоски пред пратениците.
Коалицијата предводена од СДСМ не го поддржа предлогот за избор на Зејнула за министер без ресор, не затоа што е против кандидатот туку, како што рече пратеникот Оливер Спасовски, заради што со неговиот избор нема да се промени ништо. Ова, рече Спасовски, е министер за Бадентер, а не за претставеност на Турците во Собранието.
„Иако е министер без ресор, ние во експозето на премиерот не слушнавме кои ќе бидат обврските кои ќе му ги делегира Владата и со кое портфолио ќе застане како член на Владата. Моето прашање е дали изборот на претседателот на Демократската партија на Турците ќе помогне во однос на сите пропуштени работи во делот на резултатите и она што треба да го направиме во наредниот период. Посакувам навистина од денеска, после изборот, резултатите да дојдат сериозно во сите области – во економијата, во образованието, во здравството, во земјоделството и да видиме дека навистина до Турците била работата за напредок на на Македонија“,
порача Спасовски.
