Полска, Словачка и Унгарија се против укинувањето на трговските ограничувања на ЕУ за увозот на жито од Украина. Наскоро треба да се одржат избори во Полска и Словачка, а Унгарија сака да им се додвори на своите сојузници
Источните членки на ЕУ, со исклучок на Унгарија, досега беа најконзистентни поддржувачи на Украина која беше нападната од Русија. Но, сега солидарноста слабее. Згора на тоа, постојат сериозни недоразбирања меѓу Украина и некои централноевропски земји.
Причина: Минатиот петок (15 септември), ЕУ ги укина привремените трговски ограничувања за украинските житарки и маслодајни семиња. Но, Полска, Словачка и Унгарија се против. Тие сакаат да ги задржат увозните ограничувања, иако тоа би ги прекршило регулативите на ЕУ. Поради ова, Украина ќе покрене тужба против овие три држави.
Украина е еден од најголемите производители на житарки и маслодајни семиња во светот. Пред војната, извозот беше главно во региони надвор од ЕУ. Сепак, поради руската блокада на Црното Море, Украина сега е отсечена од традиционалниот извозен пат и мора да се потпре на други рути, како што е копнениот пат кон западните соседи: Полска, Словачка, Унгарија и Романија, пишува Дојче веле.
Имаше проблеми при транзитот на жито, особено во Полска. Дел од робата завршила на полскиот пазар, што ги намалило цените или ги окупирало капацитетите за складирање. По протестите на земјоделците, Полска и Унгарија во средината на април 2023 година одлучија да го запрат увозот на украински житарки и ја принудија ЕУ привремено да го забрани увозот за целата територија на Унијата. Оваа забрана траеше до 15 септември и сега е укината. ЕУ конкретно сакаше да испрати знак на солидарност до Украина. Но, на истокот на ЕУ, оваа тема веќе доби поинаква важност: стана прашање на внатрешна политика и борба за власт со Брисел.
Во Полска се работи за зачувување на власта
За полската владејачка партија Право и Правда (ПиС), парламентарните избори, кои ќе се одржат на 15 октомври, претставуваат борба за зачувување на власта. Многу аналитичари сметаат дека овие избори се судбоносни. Земјоделците одиграа важна улога на претходните избори во 2015 и 2019 година, кои беа успешни за ПиС. Партијата на Јарослав Качински претрпе шок оваа пролет кога гневните селани ширум земјата излегоа на улиците за да протестираат против аграрната политика на владата и увозот на украинско жито. Под притисок на протестите, премиерот Матеус Моравјецки го разреши министерот за земјоделство и ја започна процедурата за воведување на ембаргото кое истече минатата недела.
Во однос на претстојните парламентарни избори, Моравјецки не сака повторно да ризикува со протести и со тоа да ги намали изборните шанси на ПиС. Затоа е донесена брза одлука за независна забрана за увоз во Полска. За владејачката партија во Полска важи она што Качински го кажа минатата недела:
„Сакаме да ја поддржиме Украина во војната и обновата, но во исто време мораме да мислиме за нашите граѓани, нашето земјоделство, нашите села. Нашите украински пријатели треба да го разберат тоа. Сепак, вратата за компромис останува отворена. Полското ембарго не се однесува на транзитот на жито“.
Словачка: Враќање на десничарските националисти?
И во Словачка спорот за жито се одвива во контекст на предвремените парламентарни избори што ќе се одржат на 30 септември годинава, а кои исто така ќе влијаат на идниот правец на државата. По три и пол години владеење на прозападната реформистичка коалиција, која главно покажа хаотичен начин на водење на државата, поранешниот премиер Роберт Фицо би можел да се врати на власт. Номинално е социјалдемократ, но во пракса е десничарски националист кој е близок со унгарскиот премиер Виктор Орбан. Фицо често се истакнува со своите пораки против Украина и ветува дека целосно ќе ја прекине воената поддршка на Словачка за Украина.
Во овој контекст веројатно е донесена одлуката на актуелната словачка влада да ги задржи ограничувањата за увоз на украинско жито.
Унгарија: Излегување од изолација
Во Унгарија, премиерот Виктор Орбан најави „сериозна борба“ меѓу источните членки на ЕУ и Брисел, пред ЕУ воопшто да донесе одлука за укинување на ограничувањата за увоз на украинско жито. Тој ја обвини ЕУ дека не ги застапува европските, туку „американските интереси, бидејќи она што ние го нарекуваме украинско жито, се разбира, не е украинско жито, тоа е комерцијален производ кој потекнува од област која долго време е во сопственост на Американците“.
Додека Орбан сака да им се допадне на домашните гласачи со вакви контроверзни изјави, одлуката на Унгарија да ја задржи забраната за увоз на жито од Украина најверојатно е обид да ги придобие неговите поранешни партнери против Брисел. Покрај со Чешка и Словачка, Орбан, поради пријателскиот однос со Путин и неговиот антиукраински став, во последната година и пол влезе во конфликт и со Полска, а во регионот е претежно изолиран во однос на на надворешната политика.
Романското „сакам-не сакам“
За разлика од трите централноевропски соседи на Украина, Романија се колеба кога станува збор за житарките. Таа сака да ја продолжи забраната за увоз на жито од Украина, но засега само за 30 дена. Во понеделникот (18 септември) романскиот премиер Марсел Чолаку рече дека неговата земја ѝ поставила краен рок на Украина да претстави концепт што ќе ги заштити романските земјоделци од неконтролиран извоз на жито од соседната земја. Во зависност од украинскиот акциски план, романската влада ќе одлучи за соодветни мерки за заштита на домашните земјоделци.
Во Романија парламентарните и претседателските избори ќе се одржат дури на крајот на следната година, така што во моментов темата за Украина не е толку актуелна како во Полска или Словачка. Сепак, екстремно десничарската националистичка партија АУР добива на популарност во Романија, која застапува проруски ставови и чија програма ја вклучува идејата за обединување на сите Романци во една држава, вклучително и оние во Северна Буковина, која и припаѓа на Украина.
Бугарија: Испитување на теренот
Во Бугарија, прашањето за украинските житарки може да предизвика сериозна внатрешна политичка криза. Бугарија е единствената источна членка на ЕУ која ги укина ограничувањата за увоз на крајот на минатата недела. Сега се одржуваат масовни протести на бугарските земјоделци против одлуката на проевропското коалициско мнозинство. Тие демонстрации се поттикнати од проруската кампања за ширење гласини и дезинформации на социјалните мрежи, тврдејќи дека украинските прехранбени производи се контаминирани и штетни за здравјето. Бугарија неодамна ги одржа своите петти парламентарни избори за две години – и за првпат по долго време, земјата има стабилна мнозинска влада. Прашање е дали протестите ќе ја загрозат таа стабилност.
Европската комисија во моментов реагира претпазливо.
„Европската комисија не гледа потреба од забрани за увоз бидејќи нема повеќе нарушувања на пазарот“,
изјави портпаролката на Комисијата, Миријам Гарсија Ферер.
Комисијата планира за еден месец повторно да ја процени состојбата. После тоа, може да преземе правни чекори против Полска, Словачка, Унгарија и можеби Романија. Тоа би можело да се случи по важните избори во Полска, бидејќи Европската комисија не сака да обезбеди дополнителен материјал за изборната кампања.