Зеленски истакна дека нападите, особено врз нафтената инфраструктура, даваат конкретни резултати, при што наведе дека според украинските разузнавачки податоци рафинирањето нафта во Русија последните месеци било намалено за околу десет проценти

Украинскиот претседател Володимир Зеленски вели дека засилените украински напади со дронови со долг дострел предизвикуваат сè поголема штета врз руската економија и енергетскиот сектор.
Во редовното вечерно видеообраќање тој рече дека Украина „ја враќа руската агресија дома – на единственото место од каде што и потекнала“, нагласувајќи дека интензивирани се операциите на украинската армија со дронови длабоко на руска територија.
Зеленски истакна дека нападите, особено врз нафтената инфраструктура, даваат конкретни резултати, при што наведе дека според украинските разузнавачки податоци рафинирањето нафта во Русија последните месеци било намалено за околу десет проценти.
Тој додаде дека руските нафтени компании сè почесто се принудени да затвораат некои од наоѓалиштата, оценувајќи дека економскиот притисок врз Русија расте.
„Со оглед на природата на руското производство на нафта, ова е она што најмногу ги боли – освен, се разбира, губењето пари. За да го врати производството на своите бунари, Русија мора да направи значително повеќе од многу други земји производители на нафта кои ги затвораат бунарите дури и едноставно како одговор на пазарните флуктуации. Русите не можат да го сторат тоа. За нив, губењето на производството е навистина многу болно“,
вели Зеленски.
Тој смета дека финансискиот притисок врз Русија, делумно предизвикан од украинските напади, постепено ќе ја принуди Москва на окончување на војната.
„Секој наш одговор, секој заеднички чекор на притисок заедно со нашите партнери, ја турка Русија поблиску до завршување на војната. Веќе сега, значителен број од нивните региони се во состојба на банкрот, а Путин ја води Русија кон банкрот. И разните шеми што ги смислуваат за да заработат пари нема да им помогнат. Ги гледаме овие руски шеми. Ги документираме. Ќе ги разбиеме“,
додава тој.
Во меѓувреме, украинската државна енергетска компанија „Нафтогаз“ соопшти дека руските сили извршиле напади врз енергетска инфраструктура во Днепропетровска Област, при што се оштетени објекти, а обемот на штетата се уште се проценува.
