Американскиот претседател дополнително и наложил на војската да биде подготвена да продолжи со целосен, голем напад врз Иран, во секој момент, во случај да не се постигне прифатлив договор

Американскиот претседател Доналд Трамп вели дека го одложил планираниот напад врз Иран откако Техеран испратил мировен предлог до Вашингтон и дека сега има „многу добри шанси“ да се постигне договор со кој се ограничува нуклеарната програма на Иран, пишува Ројтерс.
Откако Иран им испрати на САД нов мировен предлог, Трамп рече дека и наложил на американската војска „да не го извршиме закажаниот напад врз Иран утре“, но дополнително им наложил да бидат подготвени да продолжат со целосен, голем напад врз Иран, во секој момент, во случај да не се постигне прифатлив договор. Претходно не беше најавен таков напад, а Ројтерс пишува оти не може да се утврди дали биле направени подготовки за напади што би означиле обновување на војната што Трамп ја започна кон крајот на февруари.
Под притисок да се постигне договор што би го отворил Ормускиот Теснец, Трамп претходно изрази надеж дека е блиску до договор за завршување на војната и се закани со тешки напади врз Иран ако Техеран не постигне договор.
„Емирот на Катар, Тамим бин Хамад Ал Тани, престолонаследникот на Саудиска Арабија, Мохамед бин Салман Ал Сауд и претседателот на Обединетите Арапски Емирати, Мохамед бин Зајед Ал Нахјан, ме замолија да го одложам нашиот планиран воен напад врз Исламската Република Иран, кој беше закажан за утре, бидејќи сега се водат сериозни преговори и дека, според нивно мислење, како големи лидери и сојузници, ќе се постигне договор кој ќе биде многу прифатлив за Соединетите Американски Држави, како и за сите земји на Блискиот Исток и пошироко. Овој договор ќе вклучува, што е важно, без нуклеарно оружје за Иран“,
пишува Трамп во објава на неговата социјална мрежа Трут соушал.
Подоцна, во разговор со новинарите, тој рече дека САД би биле задоволни ако можат да постигнат договор со Иран што ќе го спречи Техеран да се здобие со нуклеарно оружје.
„Се чини дека има многу добри шанси тие да можат да постигнат нешто. Ако можеме да го направиме тоа без да ги бомбардираме до смрт, би бил многу среќен“,
изјави Трамп.
Постот на Трамп за откажување од нападот дојде откако портпаролот на иранското Министерство за надворешни работи, Есмаил Багаи, потврди дека ставовите на Техеран биле „пренесени на американската страна преку Пакистан“, но не даде детали.
Пакистански извор, пишува Ројтерс, потврди дека Исламабад, кој пренесува пораки меѓу страните во војната на Блискиот Исток откако беше домаќин на единствената рунда мировни преговори минатиот месец, го споделил најновиот предлог со Вашингтон. Но, изворот посочи дека напредокот бил тежок.
Иран по објавата на Трамп ги предупредија САД и нивните сојузници да не прават понатамошни „стратешки грешки или погрешни пресметки“ при нападот врз Иран, тврдејќи дека иранските вооружени сили се поподготвени и посилни отколку во минатото.
Според иранската новинска агенција Тасним, врховната заедничка воена команда на Иран, Хатам ал-Анбија, изјавила дека вооружените сили на Иран се „подготвени да го повлечат чкрапалото“ во случај на каков било обновен напад од САД.
Иранскиот мировен предлог, како што го опишал висок ирански извор, бил сличен во многу аспекти со претходната понуда на Иран, која Трамп ја отфрли минатата недела.
Прво ќе се фокусира на обезбедување крај на војната, повторно отворање на Ормускиот Теснец и укинување на поморските санкции.
