Веруваме дека вработените во МВР заслужуваат многу повеќе од предвидените „ништо“ денари. Барем да предвидевте исто колку и за здравствените работници, реагираат од Синдикатот на полицијата, непосредно пред донесувањето на ребалансот во Собранието
Синдикатот на полицијата, во реакција до Владата, „протестира“ дека вработените во МВР се запоставени при пренамената на средства од буџетот за справување со последиците со ковид-кризата, наспроти, како што се посочува, предвидените средства за награда на здравствените работници.
„Зошто ги заборавивте полициските службеници“, е прашањето со кое Синдикатот ја почнува реакцијата, во која се посочува на соопштение од прес-центарот на СДСМ дека Владата, предвидена од оваа партија, континуирано инвестира во здравствените работници и во здравствниот систем кој со месеци е во борба со пандемијата на коронавирусот.
„Ребалансот на буџетот предвидува и средства во висина од 54 милиони денари за награда на сите здравствени работници кои се вклучени во третманот на пациентите заболени од коронавирусот, во ковид-центрите во Скопје и во болниците во другите градови низ државата. Следната година следува покачување на платите во здравството за 10 отсто“,
се наведува во партиското соопштение на кое реагира Синдикатот на полицијата.
Синдикат на полицијата, како што се нагласува, ја поздравува оваа одлука, иако лично смета дека и овие ветени проценти се мали за наведената категорија на работници.
„Она што не загрижува како Синдикат е што веруваме дека во ниту еден момент немаше вработен во полицијата да се чуствува барем во овие неколку дена вреднуван, знаејќи како секојдневно се справуваме со предизвиците од кризата на терен, а некој, и покрај се, му го вреднува трут доколку добиевме убава вест. Но не е така за жал“,
велат од Синдикатот.
Оттаму посочуваат дека пред неколку години токму министерот за внатрешни работи ја промовирал паролата „Задоволна полиција – безбедни граѓани“.
„Како Синдикат, сметаме и веруваме дека вработените во МВР заслужуваат многу повеќе од предвидените НИШТО денари кои ги предлага Владата со ребалансот на буџетот. Барем да предвидевте исто колку и ззза дравствените работници. Да, малку се, но сигурно ќе оставеа трага за задоволство во овие тешки и макотрпни времиња како една награда за секојдневниот ризик кој го преземаат работниците во МВР“,
се посочува во реакцијата.
Од Синдикатот бараат во најбрз можен рок да се исправи, како што велат, неправдата што им е нанесена сега и пред извесно време на вработените во Министерството за внатрешни работи.
„Зошто да нема покачување на платите во Полицијата? ЗОШТО“,
се нагласува во реакцијата.
Вториот ребаланс на буџетот за 2020 година, со цел справување со последиците од ковид-кризата, моментно е во завршната фаза од расправата на пленарна седница, пред неговото донесување, а откако заврши десетдневната амандманска расправа во Комисијата за финансирање и буџет.
Првиот ребаланс го донесе техничката Влада, за време на вонредната состојба, со Уредба со законска сила.