Во колумна, објавена на „Цивил медиа“, авторот на текстот Љубомир Костовски на непристоен начин го коментира личниот изглед и стилот на облекување на новинарот од ТВ 24, Сунаи Сабриоски, а притоа прави обид за негова дискредитација и на медиумот во кој тој работи, се наведува во соопштението од ЗНМ
Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ) реагира и го осудува омаловажувачкиот однос и нападот кон новинари на лична основа во објавата на „Цивил медиа“ со наслов: „Медиумите на кратко јаже со центарот на лагите”.
Во колумната, авторот на текстот Љубомир Костовски, на непристоен начин го коментира личниот изглед и стилот на облекување на новинарот од ТВ 24, Сунаи Сабриоски, а притоа прави обид за негова дискредитација и на медиумот во кој тој работи, се наведува во соопштението од ЗНМ.
„Укажуваме дека слободата на изразување потребно е да се промовира и негува како една од најважните човекови права, но истовремено потребно е да се знае дека остварувањата на овие слободи вклучуваат обврски и одговорности. Неспорно е правото на јавна критика, но критика на физички изглед или стил е крајно омаловажувачко и непристојно. Освен ова, Костовски во својата објава додава: ‘Другите телевизии даваа граѓани кои едноставно оделе во ‘Тинекс’ и други шопинг центри каде цените – јасно кажаа – се замрзнати. Е, тоа е разликата која чисто покажува дека ТВ 24 е најизразениот идеолошки јаничар на овдешната ТВ-сцена’“,
стои во соопштението.
Од ЗНМ нагласуваат дека објавување ваков тип на содржина за колегата Сабриоски, но и користење ваков вокабулар кон кој било медиум, може да поттикне говор на омраза од страна на трети лица. Омразата директно може да ја загрози безбедноста на новинарите и на останатите поединци, со што кривична одговорност освен сторителите имаат и оние кои ги поттикнале делата од омраза.
„Уредничкиот тим на овој медиум не смее да се затскрива зад правото на став и колумна на своите соработници и тие имаат обврска да укажат кога со одредени написи може да се загрозат туѓи права како што се во случајов правата на колегата Сабриоски, но и правата на потенцијално други медиумски работници од оваа телевизија“,
се подвлекува во соопштението од ЗНМ.
ЗНМ ги повикува авторот на текстот Љубомир Костовски и уредникот на онлајн медиумот „Цивил медиа“ јавно да му се извинат на колегата од ТВ 24, Сунаи Сабриоски.