Од СДСМ сметаат дека изјавата на Мемов, според која ЗНАМ допрва ќе гради став за забраната за двојно државјанство кај функционерите, е само потврда дека се целосно празни

Опозициската СДСМ реагираше на денешната прес-конференција на Никола Мемов од Движењето ЗНАМ, нарекувајќи ја партијата сателит на власта и обвинувајќи ги дека немаат идеологија и програма и затоа немаат ни став.
Од СДСМ сметаат дека изјавата на Мемов, според која ЗНАМ допрва ќе гради став за забраната за двојно државјанство кај функционерите, е само потврда дека се целосно празни.
„ЗНАМ нема идеологија, нема програма, па затоа нема ни став. Колку лицемерие може да се собере во една партија? Тие не знаат дали се центар или десница“,
велат од СДСМ.
Во својата реакција, СДСМ тврдат дека партијата на Максим Димитриевски е вештачки создадена и оти тоа се „платеници“ чија единствена задача била да го ослабат СДСМ за сметка на ВМРО-ДПМНЕ.
Според опозицијата, граѓаните веќе ја препознале оваа „измама“, поради што ЗНАМ наводно веќе не постои во сериозните истражувања на јавното мислење.
Од Бихаќка порачуваат дека лагите и конструкциите на власта и нивните коалициски партнери повеќе не поминуваат кај јавноста. Тие тврдат дека ВМРО-ДПМНЕ изгубила илјадници гласови поради криминал и корупција, а истата судбина ја доживува и нивниот партнер.
„Нема повеќе платформи на ВМРО кои можат да ја запрат новата сила на СДСМ во борбата против оваа криминална организација. Доаѓа времето на вистината, правдата и сигурноста“,
се додава во партиското соопштение.
Денеска Никола Мемов од ЗНАМ рече дека партијата ќе почека на исходот од најавената јавна стручна дебата пред да се изјасни дали и именуваните функционери, покрај пратениците, треба да поседуваат исклучиво македонско државјанство.
Мемов рече дека партијата ќе го соопшти својот став дури откако ќе биде подготвен конечен предлог-текст по консултациите со стручната јавност, а доколку се пристапи кон измена на Уставот за да се регулира прашањето за државјанството на функционерите, велат дека ќе треба да се разговара и за други промени.
