Лидерот на Алајансата за Албанците, Зијадин Села, вечерва изјави дека коалицијата меѓу неговата партија и Алијанса го освоила градоначалничкото место уште во првиот круг во две општини. Едната е Гостивар, каде што досегашниот градоначалник Арбен Таравари веќе ја слави победата. Другата општина за која Села вели дека победиле во првиот круг е Дебар.
Села изјави и дека нивни кандидати ќе се борат за градоначалнички мандат во уште пет општини, а можеби и во шеста – Тетово. Обвини и дека имало притисоци на одредени места.
„Јас им се заблагодарувам на сите граѓани што го искажаа и имаа храброст и го искажат нивниот глас. Ние како коалиција Алијанса за Албанците и Алтернатива прогласуваме победи во две урбани општини, а тоа е во прв круг во Дебар и Гостивар, а одиме во втор круг во уште неколку општини. Тоа се пет општини. Чекаме уште информации за Општина Тетово, која би можела да биде шестата општина каде што ние одиме во втор круг. Меѓу општините во кои одиме во втор круг, тоа се Струга, Врапчиште, Боговиње, Теарце и Чаир.
Народот гласаше. Дел од нив не беше слободен. За жал, ние живееме во држава каде што не верувам дека сега продолжуваат со асфалтирање, но до 18 часот сигурно асфалтираа. Живееме во држава каде што има вработувања, барем до вчера имаше, можеби и денеска. Не верувам дека по 19 часот ќе има. За жал, власта ги лаже граѓаните, ги вработува со договори на дело кои се неважечки“,
изјави лидерот на Алијансата за Албанците, Зијадин Села.