Пратеникот и поранешен директор на Центарот за јавно здравје – Скопје, Арбен Зибери, вечерва во емисијата „Клик плус“ на ТВ21 зборуваше за неговото искуство со ковид-19 велејќи дека имал тешки симптоми и побара граѓаните да не го занемаруваат вирусот.
„Факт е дека имав симптоми и тоа многу тешки симптоми. Сакам дa упатам еден апел до граѓаните дека не треба да се занемарува вирусот и сите треба да бидеме со отворени очи и претпазливи. Апел да се почитуваат мерките како што се носење маска, држење дистанца, непотребно собирање во простории. Ова е болест со која најтешко поминуваат постарите лица. Имајќи ги предвид и нашите резултати, ќе видиме дека реално потешко поминуваат луѓе кои се со хронични болести, посебно тие што имаат проблеми со дишните органи“,
рече Зибери.
Пратеникот како суспектен на ковид-19, за изборот на новата влада во Собранието гласаше во посебна кабина.
Пред пратеничката функција, Зибери беше директор на ЦЈЗ-Скопје, но министерот Венко Филипче го разреши откако во статус на Фејсбук во пресрет на парламентарните избори на 15 јули ѝ даде политички контекст на одлуката на Владата за отворање на границите, врз основа на препораки од Комисијата за заразни болести. Зибери тогаш се пофали дека помогнал да се отворат границите, за иселениците Албанци да може да дојдат во земјава за изборите и да гласаат за премиер Албанец.