Одговарајќи на новинарско прашање, министерот за здравство Беким Сали кажа дека количините на вакцините се набавуваат врз основа на податоците од претходните години, а годинава, како што кажа, интересот за вакцинација против сезонски грип е зголемен во однос на лани
Министерот за здравство Беким Сали информира дека заклучно со вчерашниот ден се аплицирани над 20 илјади вакцини против сезонски грип, а закажани се 39 илјади термини за кои граѓаните преку „Мој термин“ добиле порака за вакцинирање со точен датум и вакцинален пункт. Вакцинацијата, посочи министерот, почна навреме во сите вакцинални пунктови.
„Првпат започна во октомври, за разлика од претходните години. Како што знаете, пред средината на октомври стигнаа вакцините и по финализирање на процедурите во Агенцијата за лекови и медицински средства МАЛМЕД, пристапивме кон распределба на количините во сите пунктови“,
рече министерот при денешната посета на вакциналниот пункт при Центарот за јавно здравје Скопје во Амбуланта Пролет.
Сали најави дека од следната недела започнува имунизацијата на пациентите во старските домови и дијализните центри, а во таа насока кажа Министерството за здравство обезбедило 40 илјади вакцини против грип за ранливите групи на население, а дополнителни 20 илјади дози вакцини се обезбедени од организацијата ПиВи.
Министерот нагласи дека вакцините кои се донација од страна на ПиВи се веќе пристигнати, а по административните процедури во МАЛМЕД, од следната недела ќе бидат подготвени за употреба.
Одговарајќи на новинарско прашање, Сали кажа дека количините на вакцините се набавуваат врз основа на податоците од претходните години, а годинава, како што кажа, интересот за вакцинација против сезонски грип е зголемен во однос на лани.
„Секако ова ќе биде показател да планираме повеќе од предвиденото. Оваа година има вкупно 60 илјади вакцини, а според анализите ќе бидат добар репер колку вакцини да испланираме за следна година“,
изјави министерот и додаде дека доколку оваа година интересот е поголем од моменталниот, Министерството ќе ги искористи капацитетите да набави дополнителни количини.
Министерот ја искористи можноста и апелира оти вакцинацијата против грипот е најефикасна мерка и најдобра превенција за спречување на појава на потешки форми и компликации со смртен исход, особено кај ризичните групи на граѓани.
Додаде дека со бесплатната вакцинација се опфатени граѓаните од ранливите групи како што се лица над 65 години, лица со хронични заболувања, здравствени работници, бремени жени, деца на возраст од шест месеци до пет години.