Целта на иницијативата, која е на Општина Центар, како што појаснуваат оттаму, е да се креираат ефикасни законски решенија и да се спречат потешки последици од ваквите негативни појави
Малолетниците кои вандализираат да вршат општокорисна работа. Ваквата иницијатива, на предлог на Општина Центар, едногласно е усвоена од Заедницата на единиците на локална самоуправа (ЗЕЛС).

Појаснувајќи ја иницијативата, од Центар велат оти малолетниците кои вандализираат мора да се соочат со соодветни мерки, а одговорноста, како што додаваат, ја делат и нивните родители. Целта, како што велат оттаму, е да се креираат ефикасни законски решенија и да се спречат потешки последици од ваквите негативни појави.
„Иницијативата предвидува измени на Законот за прекршочна постапка, Законот за пробација и Законот за правда за децата, со цел воведување општокорисна работа како мерка која ќе спречи вандализам и ќе придонесе кон ресоцијализација на малолетниците. Дополнително, се предлага и разгледување измени во Законот за семејство и Законот за извршување на санкции, за да се обезбеди правна рамка која ќе ја вклучи и одговорноста на родителите преку заедничка општокорисна работа“,
велат од Центар.
За иницијативата да премине во пракса, потребно е формирање стручна работна група составена од Владата, ресорните министерства, центрите за социјална работа, училиштата и невладините организации.