Коментирајќи го ставот на шефот на руската дипломатија Сергеј Лавров, кој рече оти нацистичкиот лидер Адолф Хитлер имал еврејска крв во него, Зеленски рече дека тоа покажува оти Москва не ги научила лекциите од Втората светска војна и додаде дека се напаѓаат споменици на жртвите и на преживеаните од холокаустот
Украинскиот претседател Володимир Зеленски изрази огорченост поради изјавата на првиот руски дипломат Сергеј Лавров, кој тврди дека некои од најлошите антисемитисти, вклучително и Адолф Хитлер, биле Евреи.
Коментирајќи го ставот на Лавров, Зеленски оцени дека тие изјави покажуваат оти Москва не ги научила лекциите од Втората светска војна и рече дека се напаѓаат споменици на жртвите и на преживеаните од холокаустот.
„Рускиот врвен дипломат го обвинува еврејскиот народ за нацистичките злосторства. Немам зборови“,
рече Зеленски доцна синоќа во видеопорака објавена на неговиот Телеграм канал на украински јазик, пренесе „Данас“.
Рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров во неделата ја бранеше таканаречената денацификација на Украина, велејќи дека фактот што претседателот Зеленски е Евреин не го исклучува да биде нацист и тврдеше оти нацистичкиот лидер има еврејско потекло.
Изјавите на Лавров предизвикаа остри критики, а Израел го покани рускиот амбасадор во Тел Авив на „не така лесен разговор“, како што рече израелскиот министер за надворешни работи Јаир Лапид.
Зеленски оцени дека тоа што нема осуда од Кремљ, кој официјално не ги коментираше изјавите на Лавров, значи премолчена согласност со неговите тврдења.
„По смртта на обичните луѓе кои ја преживеаја нацистичката окупација и нацистичките концентрациони логори, од руското гранатирање, ваквите антисемитски изрази на нивниот министер значат дека сите лекции од Втората светска војна се заборавени. Или можеби тие лекции никогаш не се научени“,
рече Зеленски и додаде дека спомениците во Киев и Харков биле оштетени во руското гранатирање.
Израелските медиуми велат оти Зеленски се чини дека врши притисок врз Израел за намалување на односите со Русија поради изјавите на Лавров и да се откаже од политиката за одржување рамнотежа со поддршка кон Киев и позитивни дипломатски односи со Москва.
„Прашањето е дали израелскиот амбасадор ќе остане во Москва знаејќи ја нивната нова позиција? Дали односите со Русија ќе останат нормални“,
изјави претседателот на Украина.