Главниот фокус е нашата одбрана во војната, поголема соработка за безбедноста на цела Европа во областа на воздушната одбрана и нашиот заеднички поглед на дипломатските перспективи – Европа мора да биде дел од преговорите и мора да биде силна, порача Зеленски пред средбата
Украинскиот претседател Володимир Зеленски е во Лондон на средба со европските лидери – Стармер, Мерц и Макрон. На социјалната платформа Икс, тој соопшти дека во Даунинг стрит ќе има билатерална средба со британскиот премиер Кир Стармер, како и заеднички состанок со францускиот претседател Емануел Макрон и германскиот канцелар Фридрих Мерц.
Во фокус на средбата е соработката за поголема безбедност на Европа, поддршката за Украина и засилен притисок врз Русија за крај на војната, соопшти Зеленски пред почетокот на средбата.
„Главниот фокус е нашата одбрана во војната, поголема соработка за безбедноста на цела Европа во областа на воздушната одбрана и нашиот заеднички поглед на дипломатските перспективи – Европа мора да биде дел од преговорите и мора да биде силна“
порача Зеленски на платформата Икс.

Претходно, Зеленски објави дека Русија продолжува со нападите и дека дрон погодил складиште за гориво во близина на нуклеарната централа Чернобил.
„Исклучително критичен инфраструктурен објект и исклучително подмолен руски удар. Министерството за надворешни работи на Украина, Министерството за енергетика и сите наши служби веќе работат на тоа секој од нашите партнери да знае што се случило. Русија намерно го нападна овој конкретен објект за нуклеарна инфраструктура. Засега нема мерења што ги надминуваат нормалните нивоа на зрачење“,
напиша Зеленски.
Изминатите денови Зеленски испрати отворено писмо до Путин во кое упати лична покана, нудејќи му средба лице в лице за да се стави крај на војната.
Писмото е објавено еден ден откако Украина започна голем напад врз Санкт Петербург погодувајќи голем нафтен депо и воени цели, истото утро кога Путин ги угости светските лидери во градот за клучен економски форум.
Во писмото, Зеленски му предлага на Путин да го прекине конфликтот и поставува услови за повторно отворање на разговорите.
Во писмото кое беше испратено и до повеќе меѓународни адреси, меѓу кои и САД, Зеленски наведува дека дел од руското население е заморено од војната поради украинските напади со ракети и беспилотни летала, високата инфлација и недостигот на гориво, оценувајќи дека постои расположение за мир. Исто така, сугерира дека продолжувањето на конфликтот може да има политички последици и за самиот Путин.
Рускиот претседател Владимир Путин возврати дека не гледа причина за средба со украинскиот претседател Володимир Зеленски.
