Доколку се потврди дека ракетата е произведена во Северна Кореја, тоа, според него, ќе биде уште еден доказ за криминалната природа на сојузот меѓу Русија и Пјонгјанг
Украинскиот претседател Володимир Зеленски повика на „вистински притисок“ врз Русија да ги запре нападите врз Украина.

„Дури и во екот на меѓународните дипломатски напори за завршување на војната, Русија продолжува да убива цивили. Тоа значи дека Путин не се плаши од ништо“,
рече Зеленски.
Тој нагласи дека мора да има целосно и безусловно запирање на нападите и дека Русија мора да се согласи со тоа.
„Оваа војна мора праведно да заврши. И за навистина да ја гарантираме безбедноста на нашите луѓе, мора дополнително да го зајакнеме нашиот штит за воздушна одбрана. Соработката на земјите што ги ценат луѓето и животот мора да ги запре сојузите на убијците“,
рече украинскиот претседател.
Зеленски рече дека прелиминарните информации укажуваат дека балистичка ракета произведена во Северна Кореја била употребена во рускиот воздушен напад врз Киев. Во тој напад загинаа најмалку 12 лица.
„Операциите за отстранување на урнатините во Киев сè уште се во тек, по рускиот ракетен напад. Според прелиминарните информации, Русите користеле балистичка ракета произведена во Северна Кореја. Нашите специјални служби ги проверуваат сите детали“,
рече Зеленски, додавајќи дека спасувачите и службите за итни случаи сè уште работат на терен.

Доколку се потврди дека ракетата е произведена во Северна Кореја, тоа, според него, ќе биде уште еден доказ за криминалната природа на сојузот меѓу Русија и Пјонгјанг.
„Тие убиваат луѓе и уништуваат животи заедно – тоа е единственото значење на нивната соработка. Русија постојано користи такво оружје – ракети, артилерија. За возврат, Пјонгјанг добива можност да го усоврши своето оружје во реални воени услови“,
рече Зеленски.