Зеленски рече дека се пронајдени тела на цивили и војници и наведе дека не успеал да ги повери овие тврдења, пренесува Би-би-си. Официјална Москва негира дека нејзините војници намерно гаѓале цивили
Украинскиот претседател, Володимир Зеленски денеска изјави дека истражители откриле повеќе од 400 воени злосторства во областа Херсон по повлекувањето на руските сили.

„Руската армија во регионот Херсон зад себе ги остави истите ѕверства како и во другите региони на нашата земја каде што можеше да влезе. Ќе го најдеме и ќе го изведеме пред лицето на правдата секој убиец. Без сомнение“,
рече Зеленски во своето ноќно видеообраќање.
Зеленски рече дека се пронајдени тела на цивили и војници и наведе дека не успеал да ги провери овие тврдења, пренесува Би-би-си.
Официјална Москва негира дека нејзините војници намерно гаѓале цивили.
Во меѓувреме, украинските власти воведоа полициски час во текот на ноќта и го ограничија патувањето до и од Херсон.
Од почетокот на војната, масовни гробници се пронајдени во неколку области, вклучувајќи ги Буча, Изум и Мариупол, а Украина ги обвини руските војници дека стојат зад злосторството.
Комисијата на Обединетите нации минатиот месец соопшти дека во Украина биле извршени воени злосторства и дека руските сили се одговорни за „огромното мнозинство“ на прекршувања на човековите права.
Херсон беше единствениот регионален главен град што Русија го зазеде од почетокот на инвазијата на Украина. Тој е стратегиски важен, бидејќи го контролира единствениот копнен пат до украинскиот полуостров Крим, кој беше анектиран од Русија, и устието на реките Днепар, што ја дели Украина.
Рускиот претседател Владимир Путин на крајот на септември ја официјализираше анексијата на Херсон и уште три украински региони, а потоа вети дека ќе ги брани на секој можен начин.
Но, градот Херсон беше ослободен од украинските војници во петокот, каде толпа Украинци со знамиња ги пречекаа киевските војници. Официјалните лица се вратија да ја водат администрацијата во Херсон по повлекувањето на околу 30 000 руски окупаторски трупи.
Постојат стравувања дека некои руски војници можеби останале маскирани, додека соработниците кои им помагале на Русите за време на окупацијата сега се предмет на кривично гонење. Зеленски рече дека е во тек приведувањето на руски војници и платеници „кои останаа на оваа територија и неутрализирање на диверзантите“.
Украинските сили работат на обновување на интернет и телевизиските врски, додека снабдувањето со електрична енергија и вода ќе биде обновено „што е можно поскоро“, додаде тој.
Официјалните лица во Херсон ја забранија употребата на речен транспорт на реките Днепар од 13 до 19 ноември, а жителите кои избегаа беа предупредени да не се враќаат додека нивните домови не се проверат од евентуално поставени мини. Гувернерот на Херсон, Јарослав Јанушевич, им порача на граѓаните да избегнуваат преполни места и да се држат подалеку од центарот на градот бидејќи постои опасност од мини.
Воведен е и ноќен полициски час од 17 до 8 часот по локално време.