Украинските власти работат на враќање на градот во „нормален живот“, рече шефот на регионалната воена администрација, Јарослав Јанушевич, кој преку видео-порака, порача дека полицијата веќе ги преземала своите должности со околу 200 полицајци распоредени во Херсон. Една од главните цели е отстранување на мините, а воведен е и полициски час поради поголема безбедност на жителите. На украинците кои го напуштиле градот, им се препорачува да не брзаат со враќање, пренесува Си-Ен-Ен.
„Наша задача е да ја гарантираме безбедноста на вашиот живот. Затоа, принудени сме да воведеме полициски час од 17:00 до 08:00 часот. Соодветната наредба е потпишана од началникот на воената управа на градот Херсон“,
рече Јанушевич.
И украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави дека украинската војска воспоставила контрола врз повеќе од 60 населени места во регионот Херсон и дека се спроведуваат „мерки за стабилизација“. Тој додаде дека руската војска пред да побегне , ја уништила инфраструктурата и го оставила градот без струја и вода.
„Пред бегството од Херсон, окупаторите ја уништиле целата критична инфраструктура: комуникации, вода, греење, струја. Русите насекаде имаат иста цел: да ги понижуваат луѓето што е можно повеќе. Но, ние ќе вратиме сè, верувајте ми,“
рече Зеленски.
Првите странски новинари кои влегоа во Херсон по ослободувањето, известуваат за еуфорична атмосфера во Херсон. Си-Ен-Ен пренесува сведоштва на жителите кои слават и покрај тоа што градот е целосно оставен без струја , вода и интернет.
„Се чувствуваме слободни, не сме робови , ние сме Украинци“!
извикуваат дел од граѓаните кои го слават ослободувањето на Херсон, веејќи украински знамиња.
Херсон беше единствениот регионален главен град во Украина што Русија го зазеде по инвазијата што ја почна во февруари годинава, а повлекувањето на руските сили од градот се смета за еден од нивните најголеми неуспеси во војната.
Москва соопшти дека повлекла 30 000 луѓе, како и околу 5 000 парчиња воена опрема.