Партијата утре ќе објави оглас, роковник и правилник за избор на нови претседатели на општинските организации. Претседателите, рекол Зечевиќ, мора да бидат со силен личен интегритет и да бидат почитувани во средината каде живеат и меѓу членството
Од утре (12 јануари) СДСМ почнува постапка за избор на претседатели на општинските организации. На веб-страницата на партијата ќе се објави оглас, роковник и правилник, а новиот генерален секретар Миле Зечевиќ најавува широк и инклузивен процес на избор на новите раководства.
Тој вечерва одржал состанок со актуелните претседатели и секретари на општинските организации на кои им го претставил планот за избори на раководствата.
„Преку еден инклузивен процес кој ќе трае неколку месеци и кој ќе има два циклуси на консултации со месните организации. Да им дадеме шанса на месните одбори да се изјаснат, да дадат свои предлози за кандидати за претседател, а секако дека останува и процесот на самокандидирање а изборот ќе се врши согласно Статутот. Вториот циклус на консултации ќе продолжи по назначувањето на претседател на општинската организација, за номирањето на предлози за членови за Извршен одбор, односно раководство на општинската организација. Секој поединец, социјалдемократ, од кое било време, да биде вклучен, да даде придонес“
рекол Зечевиќ.
На состанокот, според партиското соопштение, тој порачал дека претседателите на општинските организации мора да бидат со силен личен интегритет и почитувани во средината и меѓу членството.
„Тој човек сам по себе треба да биде промената што треба да ја воведе во општинската организација, да интегрира и да обединува“,
рекол Зечевиќ.