Како професионално здружение со зачуденост го проследивме дописот за кој сметаме дека го нарушува угледот на јавнообвинителската функција и грубо го прекршува Етичкиот кодекс на јавните обвинители, се вели во денешното соопштение
Здружението на јавните обвинители денеска преку писмено соопштение реагира на отвореното писмо од јавната обвинителка Вилма Русковска упатено синоќа преку медиумите, во кое бара странски амбасади и меѓународни организации да реагираат поради присоци од директорот на Финансиската полиција, Арафат Муареми.
Како професионално здружение, велат од Здружението на јавни обвинители, со зачуденост го проследивме дописот за кој сметаме дека го нарушува угледот на јавнообвинителската функција и грубо го прекршува Етичкиот кодекс на јавните обвинители.
„Како јавни обвинители не гледаме ниту една причина за ваков драматичен полноќен повик до меѓународни институции и дипломати, особено што ниту обвинителката Русковска, ниту останатите обвинители од Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција во ниту еден момент не биле спречени самостојно да водат истраги за предмети во нивна надлежност. Меѓутоа, при постапувањето во предметите, и тие како и сите останати јавни обвинители мора да се водат од начелата на законитост и правичност. Освен тоа, Јавното обвинителство е засновано на принципите на хиерархија и субординација, што значи дека секој јавен обвинител за својата работа одговара пред повисокото обвинителство. Ниту еден јавен обвинител не смее да се смета себе си за семоќен и да одбива контрола над постапувањето. Таквата контрола токму има за цел да се избегне незаконито постапување и самоволие, како и да се гарантира праведноста на постапката“,
се вели во реакцијата.
Од Здружението на јавни обвинители истакнуваат дека Јавното обвинителство имало и има капацитети и институционални можности да ги преземе сите неопходни дејствија и апсолутно независно да одлучува во секој еден предмет, без притоа да има потреба од надзор од амбасади или меѓународни организации.
Откако Русковска вчера рече дека е подготвена информациите што ги има нејзиното обвинителство и што ќе ги обезбеди за Муареми да ги сподели со јавноста, па таа нека суди кој е криминалец, а кој борец против криминалот, директорот на УФП во реакција вели дека ако таа располага со сознанија и информации за криминал што тој го направил, тогаш со јавноста нека сподели обвинителен акт, а не празни и неосновани информации.