Денешното судско рочиште за предметот „Рекет“ се одложи поради здравствената состојба на првообвинетиот Бојан Јовановски-Боки 13.
Судијката Васка Николовска-Масевска утрово во судница соопшти дека тој имал лекарски преглед во затворот во Шуто Оризари бидејќи не се чувствувал добро, па даде пауза додека да добие известување дали е способен да го следи рочиште за да го спроведат.
По околу час и половина, таа соопшти дека Јовановски нема да биде спроведен. Прегледот покажал дека Јовановски имал болки во абдоменот, гадење и нагони на повраќање и лекарите испратиле мислење дека Јовановски не е способен да го следи рочиште.
„Со цел да се избегне манипулација и злоупотреби со здравствената состојба, судот ќе даде наредба Јовановски да биде конзилијарно прегледан од тим лекари од Клиничкиот центар во Скопје и ќе се утврди дали ќе може да ја следи постапката во понатамошниот тек за да немаме пред секое судење вакви ситуации“,
рече судијката Николовска-Масевска.
Претходно, Боки и неговиот адвокат соопштија дека му бил откриен рак на желудникот.
Следното рочиште е закажано за утре.
Денеска требаше да се продолжи со презентирање на материјалите докази на Обвинителството, меѓу кои и пораки од комуникацијата на Јовановски.
На претходното рочиште беа прикажани снимки од камерите во куќата на Орце Камчев, кои тој во својство на сведок ги има доставено во Обвинителството како доказен материјал. Станува збор за снимки на кои се прикажани Бојан Јовановски-Боки 13, Зоран Милевски-Кичеец и Камчев, кои беа објавени од италијанскиот весник „Ла Верита“, а потоа и во македонските медиуми, само што истиот настан беше прикажан од повеќе агли односно од други камери.
Се презентираа и фискални сметки од обвинетиот Бојан Јовановски и неговата мајка, за облека што ја купувал од брендирани бутици во Италија. Сметките се од 25, 26 и 27 февруари 2019 или неколку дена од 20 февруари – денот кога се тврди дека бил земен милионот од Камчев. Најниската сметка беше со износ од околу 700 евра, а највисоката од 26 000 евра. Вкупната сума на потрошени пари за три дена, како што информираше Русковска е околу 148 000 евра.
Во доказите беа презентирани и извештаи од вештачењето од мобилните телефони на Јовановски за комуникација на „Ватсап“ на Боки со Катица Јанева, Орце Камчев, Фросина Ременски и Дејан Пелистерка, синот на Цветан Панделевски, кој е осомничен во „Империја“.
Случајот го води судијката Васка Николовска-Масевска, а застапник на обвинението е Вилма Русковска.
Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција во октомври годинава поднесе обвинение против Бојан Јовановски, Катица Јанева и Зоран Милевски.
Првообвинетиот Јовановски се сомничи дека сторил кривично дело перење пари и други приноси од казниво дело, а Јанева и Милевски за примање награда за противзаконито влијание. Второобвинетата Јанева се товари и дека сторила и кривично дело злоупотреба на службена положба и овластување.
На првото рочиште за „Рекет“, кое се одржа на 3 декември, третообвинетиот Зоран Милевски-Кичеец призна вина, по што беше осуден на три години затвор.