Дојави за поставени експлозивни направи денеска добија најголем број школи досега, вкупно 49 основни средни училишта во Скопје и Куманово. По извршените проверки, МВР информира дека сите дојави се лажни
Сите дојави за поставени бомби кои денеска ги добија вкупно 49 основни и средни училишта во Скопје и Куманово се лажни. Информацијата ја соопшти Министерството за внатрешни работи по направените антитерористички проверки во училиштата.
„Веднаш по добиените пријави, од полициски службеници се преземени мерки за безбедно евакуирање на објектите, а потоа се извршени и детални проверки од тимови за антитерористички проверки и утврдено е дека станува збор за лажни пријави“,
се вели во соопштението од МВР.
Дојави за поставени експлозивни направи денеска добија најголем број училишта досега.
Пораки со заканувачка содржина денеска стигнале на мејл адресите на 17 основни и 22 средни училишта во Скопје, како и на осум основни училишта плус еден клон на училиште и едно средно училиште во Куманово.
Порталот „Кумановски муабети“ денеска ја објави содржината на пораката со дојава за бомба која утрово пристигнала во девет основни и едно средно училиште во Куманово, а во неа директно се споменуваат премиерот и неговата партија.
Во пораката се вели дека „ќе бидат убиени невини луѓе“, но и дека ќе биде срушена „северномакедонската влада“.
Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски денеска повтори дека заканите за поставени бомби најчесто доаѓаат од ВПН-адреси (виртуелни приватни мрежи) од кои не може да се добие една конкретна ИП-адреса од каде е испратена електронската пошта.
Меѓу другото, тој најави дека деновиве треба да се одржи состанок на Советот за координација на разузнавачките служби во земјава, на кој ќе бидат разменети и информации за дојавите за поставени експлозивни направи во училиштата и други објекти кои изминатиот период се случуваат во континуитет.